ДОМ ја честита победата на Велес врз Топилница

ДОМ им ја честита победата на Велешани, во битката против рестартирањето на Топилницата и нивната заедничка определба за здрава животна средина. ДОМ, како дел од Зелената Коалиција, искажува задоволство што и покрај тешката економска состојба со која се соочува градот и граѓаните на Велес, тие одбраа иднина во која нема да дозволат нарушување на здравјето на луѓето и јасно се изјаснија за поинаков економски развој, од досега постоечкиот.  

Во велешката битка, уште еднаш се покажа низ дело, дека заедничкиот општествен интерес може да се брани и да се добие само со сплотеност и цврста волја на граѓаните.

ДОМ исто така, ја поздравува одлуката на Владата на Република Македонија и премиерот Никола Груевски, да застанат во заштита на граѓаните, но и за изразената подготвеност за санирање на нарушените состојби со животната средина во Велес и дислоцирање на Топилницата од Велес. Со ова Владата на РМ, ја потврди својата стратешка определба за заштита и унапредување на животната средина и изградба на Македонија врз принципите на одржливиот развој.