Еколошката култура – начин на размислување и стил на живеење во 21 век

Зелената опција е многу повеќе од политичка тема, таа е начин на живот, поинакво разбирање на светот. Таа треба да ни даде насоки кон едно одржливо општество, не само во Македонија, туку на планетрано ниво. Морална должност и одговорност на човекот е да овозможи здрав, достоинствен и убав живот. Должност на родителите и педагозите  е да ги воспитуваат децата во духот на слободата, рамноправноста, демократијата и креативноста, за да стекнат свест за лична и колективна одговорност,  поскромни економски потреби и желби во духот на одржливоста и опстанокот на човечкиот род.

Согледувајќи ги потребите од едно поинакво мислење, поинаков начин на живот, креирање поинакви вредности (културни, социјални, економски, хуманистички и др), ДОМ започна со серија трибини на кои ќе се поттикне новиот животен стил на современиот човек и оформување на македонска еколошка парадигма. Оваа трибина, е прва во идната серија трибини, кои ќе бидат водени под овој општ наслов, иако секоја од нив ќе разработува, поттикнува и објаснува по едно тематско јадро како: Фундаментална екологија, Зелена идеологија, Еколошка етика, Еко-психологија, Еко-феминизам, Еко-култура, Еко-практика, Зелена уметност и естетика на животната средина, Еко-информатика, Еколошка педагогија, Еколошки мултикултурализам,  Еко-епистемологија,
Лилјана Поповска во своето воведно излагање рече дека „Зелената опција е многу повеќе од политичка тема, таа е начин на живот, поинакво разбирање на светот, но во основа таа е теоретската поткрепа на Зелената политика. Таа треба да ни ги прошири видиците и да ни даде насоки кон едно одржливо општество, не само во Македонија, туку на планетрано ниво“.
Екологијата или зелената идеологија како нова идеологија е всушност  отаде сите досега познати идеологии, вклучително и политички, пред сè како нужност во промоција на човековата свест за себе и природата и потребата од кохабитација и нераскинлива меѓузависност на човештвото со сите други биолошки видови и необновливите природни ресурси на Земјата – потенцираше проф. д-р Денко Скаловски. Морална должност и одговорност на човекот е да овозможи здрав, достоинствен и убав живот. Должност на родителите и педагозите  е да ги воспитуваат децата во духот на слободата, рамноправноста, демократијата и креативноста, за да стекнат свест за лична и колективна одговорност,  поскромни економски потреби и желби во духот на одржливоста и опстанокот на човечкиот род; креирање и практикување нови навики и обичаи, нов социјален морал на солидарност и рамноправност, со посебен акцент врз  односот кон природната средина како однос кон себе самите. Затоа потребно ни e градење и негување на култ(ура) кон природата како нешто свето и недопирливо, како природна и културна другост на самиот човек, и нешто што мора да се чува и да се сочува, а  како незаменлива детерминанта во зачувувањето и развојот на сопствената, човечка култура и цивилизација – заврши Скаловски.
Зелените културни вредности кои стапуваат сè позасилено на сцена, нормално е дека имаат и своја културолошка подлога. Битно е да се има на ум дека овие вредности не гледаат на природата како нешто што е одвоено од културата, како нешто што претставува директна опозиција, туку, напротив, природата е нераскинлив дел од културата и како таков учествува потполно во сите секојдневни процеси. Зелените културни вредности гледаат на материјалното и духовното како на категории кои треба да соработуваат – рече македонистот Томислав Кранфиловски.