Реакција на ДОМ на одредбите од Правилникот на Советот за радиодифузија

ДОМ протестира против одредбите од Правилникот донесени од Советот за радиодифузија, со кои сметаме дека се нарушува слободата на медиумите и правото на објективно информирање.

Со воведените ограничувања, на медиумите им се остава слобода граѓаните да ги известат само за временската прогноза, а не и за другите сфери од живеењето. Со тоа Советот се става во улога на цензор, кој врз основа на двосмислени и нејасни одредби може да пропише казна за секој медиум.

Ваквиот невиден пример на уривање на слободата и правата на новинарите, претставува и кршење на правата и слободите на граѓаните, кои треба предизборните кампањи да ги преспијат и да се разбудат на почетокот на изборната кампања кога партиите ќе имаат право на платена политичка програма.

Од искуството од претходните избори, во Македонија и без ваквиот Правилник, медиумите коректно и професионално ја извршуваа работата, за што сведочи и малиот број на казни иницирани од СРД. Упадот од СРД го гледаме како акт кој ќе фрли темна дамка на претстојните предвремени избори и негативно ќе се одрази на сликата за Македонија во светот.

Мониторингот веќе на 6-ти јуни ќе мора да забележи дека во земјата нема слобода на медиумите. Дури и најкоректно спроведените избори би биле на одреден начин нелегитимни, бидејќи би се одвивале во услови на цензура, што ќе остави простор за сомневање во демократските капацитети на земјата и нејзиното нормално функционирање.

Затоа ДОМ енергично се спротивставува на ова прекршување на демократските придобивки и прекршувањето на уставните права на граѓаните за слободно и независно информирање. Зато ќе побараме од Уставниот суд преиспитување на овие одредби од Правилникот на СРД.

Со оглед на тоа што во македонската јавност полемиката главно се води околу тоа на која партија би и одговарал ваквиот правилник, ние од ДОМ цениме дека на ниту една партија не и одговара да победи на избори одржани во услови на цензура. Затоа на СРД треба да му биде јасно дека граѓаните на Македонија се силно заинтересирани цензорските времиња никогаш повеќе да не се повторат.

Македонија не е земја во која со подзаконски акти може да се прогласува информативен мрак. Македонија е демократска земја во која никој нема право да ги урива слободата на медиумите и правата на граѓаните. За нив се изборивме еднаш и засекогаш и назад враќање нема.

На прес конференцијата зборуваше портпаролот на ДОМ Тони Ристов