ДОМ за заштита на подземните води од Скопско поле поддршка за инцијативата на Еко – Мисија и граѓаните од општините Гази Баба, Илинден и Петровец за заштита на водите

ДОМ ценејќи го фактот дека водата е најзначајниот ресурс за опстанокот на севкупниот живот на планетата Земја, ја поддржува иницијативата на Здружението на граѓани Еко Мисија и на граѓаните од населените места Маџари, Јурумлери, Илинден, Петровец, ‘Ржаничино и другите кои гравитираат на ова подрачје. Нашата поддршка ќе се однесува на надминување на проблемот со водоснабдувањето и заштитата на подземните води од загадување на ова подрачје.

ДОМ по повод Светскиот ден на водите, но и поради реалните проблеми во општините Гази Баба, Илинден и Петровец организира заедничка прес конференција со Граѓанската иницијатива од Маџари, Јурумлери, Илинден, Петровец, ‘Ржаничино и Здружението на граѓани Еко-мисија.

Во ова подрачје на општините Гази Баба, Илинден, Петровец и Арачиново има подземна здрава и чиста вода доволна да се снабди цело Скопје. Со испитувањата од пред неколку години утврдено е дека оваа вода е со повисок квалитет од изворот Рашче. Но, за жал во овие 20 населени места со преку 40 000 жители, кои во најголем дел со вода за пиење и за стопански активности се снабдуваат со одтука докрај не се разрешени проблемите со водоснабдувањето и третманот на отпадните води.

Главните проблеми со кој се соочува населението од ова подрачје е:

  • Немањето на соодветна одводна фекална канализација (80% од граѓаните имаат пропусни септички јами, 20% од граѓаните отпадните води директно ги испуштаат во каналчиња и канали за атмосферски одвод) со што фекалната вода оди во подземните води;
  • Немање пречистителни станици за отпадните води во производствените капацитети;
  • Недоволната едуцираност на граѓаните и индустриските капацитети, кои употребуваат хемиски и други препарати за потхранување и заштита на растителното производство, кои препарати ја загадуваат почвата, подземните води и земјоделските производи кои самите тие ги произведуваат, и
  • Нарушената хемиска и бактериолошка состојба на водите.

Затоа ДОМ заедно со Граѓанската иницијатива од наведениот регион и со Здружението на граѓаните Еко Мисија бараме:

  1. Утврдување на состојбите со водите, но и почвените услови т.е. пропустливоста на слоевите што ги одвојуваат површинските и подземните води;
  2. Под итно да се изгради фекална канализација не само на споменатите терени, туку и во регионите чии отпадни и други води доаѓаат во горе наведениот регион;
  3. Изградба на атмосферска канализација за спречување на поплавите кои речиси секоја година го зафаќаат ова подрачје;
  4. Обезбедување на соодветни пречистителни станици (и редовна контрола на нивното функционирање) за третман на отпадните води на сите прозводствени и услужни организации;
  5. Преземање на мерки и активности за подобрување на состојбите со отпадните, површинските и подземните води;
  6. Едукација, утврдување на соодветни стандарди, како и ангажирање соодветни инспекциски служби во регионот, за да се спречи загадувањето на водите и почвата со хемиски и други средства при обработката, заштитата и прихранувањето на земјоделското и фармерското производство.