ДОМ – 5 години посветен на заштита на животната средина и одржливиот развој на Македонија

ДОМ како зелена партија во изминатите 5 години беше фокусирана на многу конкретни теми, а пристапот ни беше многу реален и разумен. Работевме на еколошки проекти, на развој на туризмот, на правата на лицата со посебни потреби, на еднакви можности за различни маргинализирани групи, културата итн. Секако придонесот на ДОМ во изминатиов период е најголем на полето на заштитата на животната средина и туризмот – изјави претседателката на ДОМ Лилјана Поповска по повод промоцијата на Извештајот за 5 годишното работење на ДОМ.

Бројни се иницијативите кои ги презема ДОМ во областа на заштитата и управувањето со животната средина – рече потпретседателката на ДОМ Соња Лепиткова. Имавме измени на многу закони кои сега се усогласени со европските директиви, пред се во управувањето на цврстиот отпад, законот за интегрирано управување со водите, прогласувањето на одредени подрачја за заштитени како на пример Куклица и Алшар, за кој научници од неколку земји во светот годинава ќе дојдат за да ги видат сите можни потенцијали. Преземаме и нови иницијативи како што е заштитата на осоговскиот планински комплекс со иницијатива за развоја на руралниот и еко туризмот, со што би се овозможило развој на овој неправедно запоставен регион во Источна Македонја. Секако не треба да се заборават кампањите „Скопје Зелен град“ и предлагањето на „Декларацијата за зелени општини во Македонија“ и во рамките на неа по наша иницијатива конкретни проекти веќе се спроведуваат.

Посветено работевме и на можностите за искористување на обновливите извори на енергија (ОИЕ) и енергетската ефикасност, за Македонија да може да ги исполни европските критериуми за до 2020, 20% од енергетските капацитети да биде од ОИЕ. Ова на домаќиствата би им овозможило да ги намалат сметките за струја. Во рамките на буџетот за 2011, успеавме да издејствуваме посебна програма за заштита на животната средина т.н. „зелен пакет“ со кој ќе се овозможи домаќинствата и бизнис заедницата да ги користат овие средства и да дадат свој придонес во заштитата на животната средина. Во иднина ДОМ особено внимание ќе посвети на урбаната екологија и особено на екологијата во функција на зачувување на здравјето на луѓето.

Потпретседателот Јордан Трајков, при оваа промоција истакна дека – ДОМ уште од самото формирање во 2006, изгради сеопфатна економска програма, во која се опфатени сите аспекти на економијата на Македонија, и врз основа на неа имавме бројни иницијативи од кои секако најзначајни се: Тиквешија Долината Напа на Балканот, идеја за 40 нови винарски визби кои ќе бидат подготвени за развој на вински туризам и која беше прифатена од Владата и таа е во фаза на реализација. Се надеваме на што е можно побрзо реализирање на овој проект за Тиквешијата да прерасне во оаза на виното и туризмот. Нашата најголема активност во изминатите години беше во туризмот, затоа што сметаме дека туризмот може да биде водечка стопанска гранка во Македонија, носител на економскиот развој. По наша иницијатива туризмот стана владин приоритет. Се формираше Агенција за промоција и поддршка на туризмот. Македонија активно се промовира како туристичка дестинација во светски рамки. Се обезбедија и субвенции за тур-операторите при носењето на странски туристи.

ДОМ и понатаму ќе продолжи со конструктивно давање на идеи, програми и решенија за побрз економски развој и постигнување на економска стабилност на населението во Македонија – заврши Јордан Трајков.