Детските книги ја поминаа албанската граница

ДОМ со задоволство информира дека детските книги што беа собрани минатото лето во хуманитарната акција „Книгата моја патува“ во вториот обид ја поминаа македонско-албанската граница и стасаа до дечињата во областите Голо Брдо и Гора во Албанија.

Во јули минатото лето обидот да се испорача хуманитарната пратка заврши неуспешно поради необичните барања на царинската служба на македонско-албанската граница кај Дебар. Во меѓувреме беа направени повеќе контакти со амбасадата на Република Албанија во Македонија со чија соработка овој пат се успеа книгите да стасаат до оние за кои беа наменети.

Лилјана Поповска, претседател на ДОМ, и Ѓорѓи Јолевски, претседател на комисијата за култура на партијата, пратката со осум и пол илјади детски книги на македонски јазик денес ја предадоа на Едмунд Османи, советник од македонската партија во Албанија во селото Требиште. Невладината организација „Неима“ од Битола во оваа прилика за дечињата донираше новогодишни пакетчиња.

Како што е познато, акцијата на ДОМ „Книгата моја патува“ во мај и јуни минатата година имаше огромен одзив, при што беа собрани околу осум и пол илјади книги за деца, боенки и училишен прибор. Донатори беа повеќе издавачки куќи, библиотеки и огромен број граѓани од Скопје, Кавадарци, Битола и Штип.