Петиција до УНЕСКО против дискриминацијата на македонскиот јазик

На Петицијата до УНЕСКО – Против дикриминација на македонскиот јазик до вчера беа собрани над 13 000 потписи, што во пишана форма, што по електронски пат. Сакам да им се заблагодарам , од името на ДОМ на сите кои го дадоа својот потпис , граѓани од Република Македонија, но и Македонци ширум светот, меѓутоа и на луже од некои држави кои не се Македонци по род, особено голем број имаше од Хрватска, Босна и Херцеговина, Полска кои сметаат дека она што му се прави на македонскиот јазик е надвор од меѓународното право и надвор од правдата.

Самата Петиција не се однесуваше на инцидентот. Инцидентот во ОН послужи само како повод. Суштината е, да престане дискриминацијата на македонскиот јазик насекаде и по секоја основа. Затоа што нас не бришат како јазик, не преименуваат, не видоизменуваат или не оставаат без никакво име. Сето тоа ни се случува во комуникации со ОН, ЕУ, Совет на Европа и на сите различни меѓународни форми. Сметавме дека е доволно, дека за ова треба да се погрижи највисоката институција за заштита на културата, културното наследство и јазиците. Тоа е УНЕСКО, кое меѓудругото треба да го заштити и јазикот како културно наследство.

Ние и честитаме на македонската дипломатија која за рекордно кусо време ја реши битката што се однесуваше до електронската страна на ОН, но една битка не значи добиена борба. Нам борбата ни останува и сите ние како граѓани како правдољубиви луѓе од секаде од светот таа битка да биде добиена. Веруваме дека на овој начин со упарувањето на Петицијата до УНЕСКО, како специјализирана организација од овој вид, ќе припомогнеме во севкупните напори и на дипломатијата и на сите Македонци насекаде низ светот, затоа што јазикот е идентитетско прашање од највисок ранг. Јазикот, нацијата, самоопределбата се заштитени категории со конвенции од ОН и УНЕСКО.


Собраните потписи и електронската петиција ќе ги предадеме по дипломатски пат во пртставништвото на Република Македонија во Париз, каде се наоѓа и седиштето на УНЕСКО, во што ќе помогнат од Министерството за надворешни работи. Официјално се обративме и до Министерството за култура, затоа што тоа е национален координатор за УНЕСКО. Ние ги почитуваме сите институционални патишта, иако се работи за граѓанска иницијатива, и сите тие потписи со петицијата ќе бидат доставени на рака на Генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Бокова.

Петицијата можете да ја прочитате на следниот линк.

Со почит
Сектор за односи со јавност на ДОМ
Скопје, 24.11.2010