Предлог Декларација за унапредување на положбата и правата на Ромите

ДОМ преку претседателката и пратеничка во Собранието на Република Македонија, Лилјана Поповска, поднесе предлог декларација за унапредување на положбата и правата на Ромите. Оваа предлог декларација доаѓа како одговор на  состојбата на Ромите во поглед на нивната материјална положба и услови на живеење, но и на остварувањето на нивните права во нашата земја и во другите земји каде што живеат.


Пратеничката Поповска, при поднесувањето на Предлог декларацијата, ги повика сите општествени субјекти на натамошни зајакнати и ефикасни мерки и политики за унапредување на правата на Ромите и спроведување на Националната стратегија за Ромите во Републиката во сите сектори на економскиот и општествениот живот, посебно во образованието, здравството, вработувањето и стопанството.

Исто така го повика Собранието на Република Македонија да ги повика другите парламенти на европските земји, членки на Советот на Европа и ОБСЕ да се определат за заедничка борба против сегрегација и дискриминација на Ромите или која и да е друга групација врз основа на нејзината културолошка припадност.
Оваа предлог декларација се повикува на Уставот на РМ, Декларацијата за Декадата за антидискриминација и социјална интеграција на Ромите во општеството, 2005-2015; препораки на Министерскиот совет на Советот на Европа; Милениумските развојни цели на ООН; кодексот на меѓународни акти за правата на човекот. 

Со почит, 
Сектор за односи со јавноста

Пратеник: Лилјана Поповска

ДЕКЛАРАЦИЈАЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПОЛОЖБАТА И ПРАВАТА НА РОМИТЕ

Врз основа на чл. 68, а во склад со чл. 9 и 35, како и Амандмани 4 и 8 од Уставот на Република Македонија,
Имајќи ја во вид Декларацијата за Декадата за антидискриминација и социјална интеграција на Ромите во општеството, 2005-2015 г., потпишана и од Република Македонија на Конференцијата во Софија, 2005 г., со која се промовираат антидискриминацијата и еднаквите можности, вклучување на Ромите во сите сфери на општествениот живот, како и решеност да се стави крај на сегрегацијата на ромската заедница,
Земајќи ги предвид сите препораки на Министерскиот совет на Советот на Европа од 2000 до 2004 г. а за подобрување на економската, здравствена и образовна положба како и вработеност на Ромите, за унапредување на нивните човекови права и социјална состојба, како и Меморандумот на Комисијата на Европските заедници за социјална инклузија,
Почитувајќи ги целосно Милениумските развојни цели на ООН како и кодексот на меѓународни акти за правата на човекот,
Оценувајќи го позитивно нормативното уредување на правата на Ромите во Република Македонија каде се вклучени во Преамбулата на Уставот, но и во сите нивоа на одлучување на национално и локално ниво, создавајќи рамка за целосно интегрирање во сите општествени текови,
Следејќи ги состојбите со Ромите во поглед на нивната материјална положба и услови на живеење, но и на остварувањето на нивните права во нашата земја и во другите земји каде што живеат,

  1. Собранието ги повикува Владата и државните органи, граѓанскиот сектор, здруженија и фондации, органите на локалната самоуправа, стопанските субјекти, научните и културни установи и медиумите во Републиката на натамошни зајакнати и ефикасни мерки и политики за унапредување на правата и општествената и економска положба на Ромите и Ромската заедница во земјата.
  2. Неопходни се дополнителни настојувања и мерки за ефикасна и координирана имплементација на Националната стратегија за Ромите во Републиката во сите сектори на економскиот и општествениот живот, посебно во образованието, здравството, вработувањето и стопанството. Овие настојувања и мерки треба да се ускладат со усвоените развојни и анти-кризни политики како и со евро-интеграциската стратегија на земјата.
  3. Собранието смета дека развојните и стопанско-инвестициските проекти во државата, вложувањата во здравството и образованието, во комуналната инфраструктура, станбена изградба и квалитет на живот треба да се усвојуваат секојпат уважувајќи ја компонентата и политиката на унапредување на положбата на Ромите.
  4. Собранието ги повикува и другите парламенти на европските земји, членки на СЕ и ОБСЕ да се определат за заедничка борба против сегрегација и дискриминација на Ромите или која и да е друга групација врз основа на нејзината културолошка припадност. 

22.10.2010 год