Зелената политика во Европа и во Македонија – резултати и перспективи

По повод гостувањето на претставници на Европските Зелени, ДОМ одржа  трибина на тема „Зелената политика во Европа и во Македонија – резултати и перспективи“. Претседателката на ДОМ Лилјана Поповска,  поздравувајќи ги гостите ја истакна важноста на оваа посета, која значи унапредување и подигнување на нивото на соработката и релациите на ДОМ со Европските Зелени која започна уште минатата година.

Во својот поздравен говор проф. Д-р Димитар Мирчев, претседател на Советот на ДОМ, нагласи дека активното присуство на зелената опција (преку ДОМ) во македонскиот политички амбиент е битно за нашите евроинтегративни процеси.

За резултатите од изборите за Европскиот парламент и развојот на зелената политика во Европа зборуваше г. Ане Де Бер,од партијатаGroen Linksод Холандија, кој ги истакна добрите резултати што Европските Зелени ги постигнаа на неодамна одржаните Европарламентарни избори. Презентирајќи ја генезата и развојот на зеленото движење во европските земји, тој посочи дека зеленото движење во ЕУ е во постојан подем и се повеќе европски граѓани се определуваат за оваа политичка опција. Причините за ова лежат во фактот што зелената опција нуди одговори и решенија на глобалните предизвици од крајот на 20. и на почетокот на 21. век.

Герхард Јордан од австрискитеDie Grünen, преку примерот на развојот и примената на зелените политики во Виена илустрираше на кој начин примената на зелените политики на локано ниво може да влијае врз зачувувањето на животната средина. Како еден од пионерите во европското зелено движење тој истакна дека вмрежувањето на зелените не само на ниво на поедини земји туку и пошироко, низ Европа и низ светот, може да одговори на глобалните предизвици на 21. век: климатските промени, негативните аспекти на глобализацијата, одржливиот развој, економската и енергетската криза, заштитата на човековите права.

Токму ова се постулатите врз кои е базирана Декларацијата за зелени општини на ДОМ што до сега ја поддржаа речиси половината од новоизбраните градоначалници и општински совети во Македонија, истакна во своето обраќање проф. Д-р Антони Новотни, потпретседател на ДОМ и претседател на Комисијата за животна средина во Советот на Град Скопје. Гостите од Европа понатаму беа запознаени со Зелената програма на ДОМ, со потенцијалите за развој на зелена економија во Македонија, како и со иницијативите на ДОМ на полето на човековите права и родовата рамноправност.