Реакција на написот во рубриката острилка во весникот Време

Почитуван г-н Геровски

На самиот почеток од овој одговор на вашиот напис во дневниот весник Време, Демократската обнова на Македонија (ДОМ) Ви се заблагодарува што, како почитуван и реномиран новинар,  ги следите нашите активности.

Од ваша страна не изненадува реториката, која сте ја употребиле за да се подбивате со една искрена и позитивна акција. Скопје е наш заеднички дом и ние сме навистина загрижени за состојбите во кои се наоѓа наше и ваше Скопје. Затоа и покренуваме активност со која сметаме дека ќе придонесеме за едно по здраво и похумано живеење во него. Токму затоа не збунуваат вашите зборови.

Дали сметате дека ќе биде лошо за скопјани ако за едно исечено дрво се посадат три нови? Ние  тврдиме дека со тоа само ја задржуваме простата репродукција на дрвната маса во градот.

Што има лошо во тоа што сакаме во ГУП-от да се дефинира процентот на зелени површини? Тврдиме дека скопјани сакаат во своето место на живеење, одмор и на секојдневно извршување на обврските да имаат зелени површини кои ќе бидат заштитени токму од оние кои „мајчето му го расплакаа на Скопје“.

Ние како партија на Зелените, се обидуваме секаде и пред секого да се бориме за подобра и поздрава животна средина во секој поглед. Зелените партии (кои во Европа се во голем подем), се партии на општествената авангарда, кои ги артикулираат зелените идеи и политики особено во заштитата и унапредувањето на животната средина и тоа е прифатено и препознато од граѓаните. Во Европска Унија многу од предложените зелени политики и мерки веќе се имплементирани или се во фаза на имплементирање во европското законодавство. Впрочем колку е важна оваа тема, ни покажува и сеуште необјавениот извештај на Европската комисија за Република Македонија, во кој е ставен акцент на заштитата на животната средина.

Г-н Геровски, со сета почит кон Вас како новинар, мислиме дека е недолично, позитивните иницијативи да се омаловажуваат и да бидат нарекувани со погрдни зборови. Веруваме ќе се согласите со нас дека функцијата на медиумите и на новинарите е меѓуостанатото и да промовираат и поддржуваат позитивни иницијативи, да бидат со оние кои со идеи и политички акции се обидуваат да направат исчекор кон похумано живеење, базирано на европските стандарди.

И сосем на крај, да Ве потсетиме дека мислите раѓаат зборови, зборовите раѓаат дела, а делата ја креираат нашата иднина и го градат нашиот заеднички дом. Дали тој ќе биде обоен розово или сиво зависи од нас. Нам повеќе ни се допаѓа зеленото низ розеви очила, отколку розевото низ сив. А Вам?

Со почит,

Антони Новотни, потпретседател на ДОМ и

советник во Советот на град Скопје