Иницијатива на ДОМ за користење на зелените кредити како голема можност за излез од кризата

ДОМ покренува иницијатива и се обраќа до министрите за финансии и економија, да се завземат за користење Зелени кредити во Република Македонија. Тоа е можност за раздвижување на македонската економија преку инвестиции во заштитата на животната средина, заштедата на енергија, креирањето нови зелени вработувања и користење обновливи извори на енергија.

Зелените кредити  се на располагање на земји што не ја загадуваат атмосферата со јаглероддиоксид над одредената граница. Македонија има мала емисија на јаглерод диоксид во однос на поразвиените земји. На овој начин дополнително ќе ја намалиоваа емисија, а ќе може да ја зголеми својата конкурентност на меѓународниот пазар за Зелените кредити, воспоставени со Кјото протоколот, за прилив на свеж капитали трансфер на нови технологии. Тоа на државата ќе и помогне и за формирање на фондови за Зелени кредити, наменети за стопанството.

Сметаме дека Владата на Република Македонија со отворањето на Зелени кредити и со зелените инвестиции ќе овозможи услови за малите и средните бизниси, но исто така и за граѓаните, со кои ќе се намали потрошувачката на енергија од конвенционалните извори на енергија и ќе се премине кон искористување на обновливите извори на енергија, ќе се зголеми процентот на јавни и приватни објекти кои ефикасно ќе ја користат енерегијата со поставување на изолациони материјали и енергетски ефикасни системи, а воедно ќе се зголеми бројот на вработени и обучени кадри за овие активности, со што би се покренала една нова напредна и модернизирана индустрија во Република Македонија. Домаќинствата, угостителските и индустриските објекти ќе имаат корист бидејќи ќе ги намалат високите давачки за електрична енергија.

Република Македонија како аспирант за земја членка на Европската Унија, мора да се придружи на нејзината амбициозна политика за заштита на животната средина и заштеда на енергија. ЕУ се труди да стане лидер во изнаоѓање, промовирање и употреба на нови зелени технологии, што претставува основа за модернизација на економијата. Еко-иновациите веќе се клучни за економскиот пораст, конкуретноста и вработеноста, а идната економска конкуретност ќе биде во голема мерка базирана на енергетската ефикасност и рационалната употреба на ресурсите.

ДОМго има поставено прашањето за Зелени кредити, до Владата, но сметаме дека ова прашање не треба да се одолговлекува и што поскоро да се започне со рализација.

Зелените кредити и зелените инвестиции се шанса за македонското стопанство и таа мораме да ја искористиме.

Прес конференцијата ја водеше портпаролот на ДОМ Тони Ристов