ДОМ за денот на Планетата Земја, 22 април, на македонската јавност ја понуди Декларацијата за зелени општини. Оваа Декларација им беше понудена на носителите на власт на локално ниво – градоначалници, претседатели на општински совети, општинските совети, како и на граѓаните на Република Македонија.
На прес конференцијата одржана во Градскиот Парк Скопје, Потпретседателот на ДОМ Соња Лепиткова изрази задоволство и благодарност до потписниците на Декларацијата за зелени општини во Република Македонија. Декларацијата ја поддржаа 31 градоначалник, 10 претседатели на општински совети, 4 општински совети со одлука ја усвоија, а потпишана а и од голем број советници и граѓани. Декларацијата покрај претставниците од ДОМ, ја потпишаа и носителите на власт од ВМРО ДПМНЕ, Социјалистичка парија на Македонија, ДУИ, Нова демократија, Демократски сојуз и други. Ова ја поткрепува нашата увереност дека свеста за важноста на зелената опција како политика особено во областа на животната средина, социјалните прашања и одржливиот развој, кај политичарите и кај граѓаните е подигната на многу повисоко ниво. Со денешната прес конференција уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба, но и очекувања и подготвеноста за работа на конкретни проекти за остварување на целите на Декларацијата, преку отворена соработка со сите политички и граѓански субјекти.
Коце Трајановски, градоначалникот на Скопје, изјави: Оваа декларација нема да остане само на пишан документ, туку дека веќе се преземаат и ќе се преземаат активности со кои Декларацијата ќе се реализира. Град Скопје и скопските општини, уште од самиот почеток на оваа локална власт, преземаа акции за Зелено Скопје, а таков е случајот и во поголем број општини низ Македонија.
Градоначалникот на општина Чешиново – Облешево, Јорданчо Лефков, рече дека Декларацијата е усвоена и од Советот на општината. Ние како локална власт се залагаме и преземаме активности општина Чешиново – Облешево да ја направиме прва зелена општина во Македонија, притоа особено внимание посветуваме на развојот на производството на здрава храна, развој на руралниот туризам, а преземаме активности и за искористување на обновливите извори на енергија, со кој нашата општина располага – сонцето, геотермите и биомасата.
ДОМ, како носител на зелената опција во Република Македонија и како поборник за одржлив развој на државата, прашањето на енергетиката го смета за еден од најважните приоритети во Македонија. Токму затоа, ќе ги продолжиме активностите на национално ниво, за поголема искористеност на обновливите извори на енергија, особено на сонцето, за излез на државата од енергетската криза, зависност и голем одлив на средства. ДОМ во наредниот период, во соработка со Владата и експерти за сончевата енергија, ќе ја поведе кампањата „Сонце во секој дом“, преку трибини, јавни настапи, предлог измени на законските и подзаконските акти во енергетиката, едукации на јавноста за примена на сончевата енергија во домаќинствата, јавниот сектор и индустријата.
Дека овие прашања се од суштинско значење, покажува и фактот што Шведска, наредниот претседавач со Европската Унија, како врвни приоритети за време на своето претседавање ќе ги смета т.н. Три Е, односно економија, екологија, енергетика. Впрочем и на последните европарламентарни избори, токму зелената партија, која ги третира овие прашања постигна голем успех во однос на другите политички партии. ДОМ, во оваа пригода упатува честитки на Европската зелена партија, за постигнатиот успех на Европарламентарните избори. Зелената опција во Европа јакне, што е добро, бидејќи станува збор за докажани пријатели на Република Македонија на меѓународен план.