Декларација за зелени општини во Република Македонија

ДЕКЛАРАЦИЈА

за зелени општини во Република Македонија 

Демократската обнова на Македонија – ДОМ, како застапник на зелената опција согледувајќи ги сегашните незадоволителни еколошки состојби во земјата како сериозна закана за нашата и за идните генерации,тргнувајќи од претпоставката дека сите сме корисници, чувари и старатели на сопствената земја,прифаќајќи ги сериозно обврските од областа на заштита на животната средина пред претстојното интегрирање на нашата земја во ЕУ ги повикува сите градоначалници, советници, невладини организации, политички партии, претставници на бизнис заедницата, како и сите граѓани на Република Македонија да го поддржат следново

      Ние, долупотпишаните, се согласуваме дека:

  • Ќе работиме на создавање зелени општини по мерка на граѓаните;
  • Ќе креираме политики за постигнување одржлив развој на општините, преку поврзување на економскиот развој, заштитата на животната средина и социјалната сигурност на граѓаните во еден систем;
  • Ќе ја чуваме и развиваме животната средина во нашите општини и ќе се грижиме за нивната чистота и уреденост, преку
  1. ефикасно управување и третман на комуналниот и други видови отпад, за негово депонирање, селектирање и рециклирање;
  2. заштита и проширување на зелените површини, парковите и местата за рекреација;
  3. решавање на проблемите со водоснабдувањето, наводнувањето со техничка вода и третманот на отпадните води;
  4. активни мерки против загадувањето на воздухот, водата и почвата, како и против прекумерната бучава;
  • Ќе се бориме против злоупотребата на просторот со несоодветни урбанистички решенија, а
  1. против урбанистичкиот и сообраќајниот хаос;
  2. за подобрување на сообраќајот и јавниот транспорт според еколошки стандарди;
  • Ќе го воведеме принципот на „солидарност меѓу генерациите“, со цел да се подобрат условите за престој и згрижување
  1. на децата во градинките и училиштата;
  2. на постарите лица во домовите и другите институции;
  • Ќе создадеме еднакви можности за сите граѓани по разни основи, како и услови за вклучување на лицата со посебни потреби и другите маргинализирани групи во сите текови на општественото живеење;
  • Ќе настојуваме да се сочува разновидноста и автентичноста на природните ресурси и реткости, како и културното наследство, при што ќе се залагаме за развој на локалниот еко-туризам;
  • Ќе штедиме енергија, ќе ја зголемиме енергетската ефикасност и ќе го стимулираме користењето на обновливите извори на енергија (вода, ветер, сонце, геотермални води, биомаса) во јавниот иво приватниот сектор;
  • Ќе го поддржуваме производството на органска храна и нејзината достапност на пазарот;
  • Ќе создаваме услови за отворање зелени работни места и зелени бизниси во општините и тоа во заштитата на животната средина, земјоделството, енергетиката, градежништвото, транспортот, туризмот и др., со можности за вложување во инвестициони програми;
  • Енергично ќе го спроведуваме Законот за животна средина, Локалните еколошки акциони планови (ЛЕАП-и) и другите нормативни акти и стандарди коишто се во согласност со европските директиви, со ефикасен мониторинг за заштита на животната средина преку
  1. постојните инспекциски служби;
  2. формирање еколошки патроли;
  • Ќе ја подигаме јавната еколошка свест преку едукација на локалните општински служби, бизнис секторот и граѓаните;
  • Ќе соработуваме со другите општини, владините институции, невладиниот сектор, бизнис-секторот, стручните агенции и научни установи, вклучувајќи и меѓународна соработка, во сферата на заштитата и унапредувањето на животната средина.

Зелените општини значат зелена Македонија, значат подобро утре за македонските граѓани, значат европска Македонија.

Скопје, 22.04. 2009 година