ДОМ бара дислокација на мостот Влајко – несакан подарок од Стевче Јакимовски

ДОМ на идната општинска власт во Карпош и препорачува дислокација на мостот Влајко. Објект кој ја нагрдува сликата на урбано Скопје.

Во овој објект изграден во времето кога градоначалник на општина Карпош беше и сегашниот кандидат за градоначалник на оваа општина, Стевче Јакимовски, беа инвестирани над 1,5 милион евра. Инвестиција која слободно можеме да кажеме дека претставува залудно потрошени средства, а за да биде состојбата уште полоша овој објект има заостанати долгови кои треба да се исплатат до 2010.Како архитектонско решение мостот Влајко претставува архитектонски кич.Функцијата за која е наменет воопшто не ја исполнува. Ретко кој граѓанин го користи за премин од едната на другата страна на булеварот Партизански одреди, а потврда за тоа е и случајот од пред некоја година кога во неговата внатрешност беше пронајдено мртво тело, кое таму останало неколку часа без никој да го види и да му помогне. Поради лошите архитектонски решенија претставува опасност во сообраќајот, бидејќи има мала видливост на семафорите.

Деловните објекти, за кој токму Стевче Јакимовски тврдеше дека ќе прераснат во трговски центар, зјаат празни без никаква заинтересираност истите да бидат купени. Дури не постојат ни заинтересирани на кои ќе им биде издаден некој од овие објекти на користење без надомест.

ДОМ како партија со зелена опција, која се залага за урбана екологија и креирање политики и решенија за создавање на „зелени градови“, каде пред се ќе се води сметка за заштитата на здравјето на луѓето, нивната безбедност и естетски средени урбани средини, цврсто застанува против ваквите експерименти со кои се стимулира урбаниот хаос со средства од граѓаните.

Затоа го прашуваме Стевче Јакимовски, дали не чувствува морална одговорност пред граѓаните на општина Карпош и дали „решенијата“ кои ги има и предлага се исто толку скапи и нефункционални како мостот Влајко.