Обновливите извори на енергија се еден од предусловите за успешна економија

Клучниот предизвик за успешна македонска економија е енергетската стабилност и што помала зависност од увоз на енергија. Со таа цел ДОМ, денес, на 5 март, Светскиот ден на заштеда на енергија, упатува неколку препораки до Владата на Република Македонија и до експертската јавност кои ја подготвуваат Националната стратегија за енергија.

Република Македонија во најскоро време мора да се придружи со практични показатели кон Европскиот стратешки план за енергија и технологија, кој предвидува 20% од вкупно произведената енергија да потекнува од обновливите извори.

Македонија поседува потенцијал не само да го достигне тоа, туку и да го надмине. Истражувањата направени во изминатите години на разни локации низ земјата, тоа го потврдуваат. Потенцијалот во обновливите енергии добиени од сонце, ветер, вода, геотермални извори и биомаса може да ги ублажи потребите од увоз на скапа електрична енергија.

ДОМ силно им препорачува на Владата и на компаниите од енергетскиот сектор, преку политики и соодветни законски решенија да иницираат кај потрошувачите штедливо користење на енергија, енергетски ефикасни градежни објекти, а воедно постепено да се намалува искористувањето на необновливите извори, нафтените деривати и особено јагленот чии резерви во Македонија се при крај.

ДОМ како партија која силно ја поддржува и во своите програмски определби ја втемели зелената опција, смета дека со вакви политики и со примена на нови иновативни технички и научни решенија ќе се намали загадувањето на животната средина, ќе се подобрат економските перформанси на земјата, ќе се намали невработеноста и ќе имаме чиста енергија.

ДОМ ја поздравува инвестиционата програма на Владата, а особено предвидените средства за енергетскиот сектор. Меѓутоа не можеме да се согласиме и силно се спротивставуваме на идејата за изградба на нуклеарна централа во Република Македонија. Македонија е премногу мала за изградба на ваков капацитет. Премногу средства ќе се потрошат за нејзина изградба. Премногу ќе не чини создадениот нуклеарен отпад. Премногу е опасно по здравјето на луѓето, почвата и водата. Исто така не смееме да дозволиме да се потпреме само на еден енергетски капацитет на сметка на цела мрежа на капацитети од обновливи извори.

ДОМ препорачува субвенционирање на сите кои ќе користат енергија од обновливи извори, а особено тие субвенции да бидат поголеми за оние кои ќе ја произведуваат и дистрибуираат.

Не случајно Македонија е земја на Сонцето и ако нешто треба да искористиме, а трае вечно тоа е сонцето како наш најголем енергетски потенцијал.