Делегација на ДОМ по покана од Европската Зелена Партија присуствуваше на Советувањето на Европските Зелени што се одржа во Париз од 09 до 12 октомври. Делегацијата на ДОМ во официјалната комуникација (печатените материјали, идентификационите документи) беше именувана со Македонија.
Делегацијата предводена од претседателката Лилјана Поповска на советувањето ги презентираше постигањата кои Република Македонија ги има по прашањата кои се однесуваат на состојбите на животната средина и иницијативите што ДОМ ги спроведува сам или во соработка со Владата за заштита на животната средина, развој на туризмот, еднаквите можности за сите граѓани.
Делегацијата на маргините од советувањето имаше средби со неколкумина евро-парламентарци меѓу кои и Даниел Кон-Бендит, водечките личности на Европската Зелена Партија, ко-претседателот Филип Ламберт, генералниот секретар Хуан Беренд, ко-претседателот на Зелените од Германија Рајнард Битикофер и претседатели и претставниците од другите партии-членки. Од нивна страна беше искажано задоволство што во Македонија постои политичка опција која успешно работи на спроведувањето на зелената политика и беше искажано уверување дека Европската зелена партија и нејзините членки ќе ја интензивираат веќе започнатата соработка со ДОМ. Значајни беа и средбите со партиите на Зелените од Грција, Словенија, Бугарија, Албанија и Хрватска кои меѓусебе се договорија за поблиска заедничка соработка.
Скопје, 13. 10. 2008