Во Клубот на пратениците на 26.09.2008 во присуство на претставници од туристичката дејност, од Факултетот за туризам во Скопје и од институциите беше одржана трибина на тема „Механизми за субвенционирање на туризмот во РМ“. Повод за трибината што ја модерираше Лилјана Поповска, претседател на ДОМ и пратеник, беше неодамна усвоениот амандман на членот 57 од Законот за туризам, кој предвидува дека „заради побрз развој на туризмот и формирање поконкурентни цени на туристичките аранжмани, ќе се донесе Упатство за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет“. На трибината на присутните им се обратија Лилјана Поповска, Аце Миленковски, декан на Факултетот за туризам во Скопје, Емил Димитровски претседател на Стопанската комора за туризам на РМ, Зоран Николовски, претставник на секторот за туризам во Министерството за економија и Зоран Стрезовски, магистер по туристички науки и претседател на општинската организација на ДОМ во Охрид.Двочасовната плодна дискусија донесе различни видувања и аспекти кои треба да се респектираат при изработката на Упатството за субвенционирањето.
Зоран Николовски од секторот за туризам во министерството за економија посочи дека во размислувањата како да се постават механизмите за субвенционирање водилка треба да биде идејата како Македонија да стане бренд туристичка дестинација за странските туристи. Беа посочени примери од земјите во регионот чии искуства може да се консултираат, но треба да се приспособат на спецификите на нашата туристичка понуда и стратегија за развој на туризмот. Лилјана Поповска се заложи при изготвувањето на Упатството да бидат консултирани професионалците од туристичкиот еснаф, како и од науката, кои на ресорното министерство ќе му понудат основни принципи за изготвување на Упатството за субвенционирање, што беше и еден од основните заклучоци на трибината. Таа се заложи овој акт да биде донесен што поскоро, за македонската туристичка понуда во сезоната на туристички саеми да стане поконкурентна на светскиот пазар. Беше договорено координатор на работната група да биде Стопанската комора за туризам на Македонија, а задача на работната група ќе биде до средината на октомври да го подготви предлог-текстот за принципите на Упатството, по што ресорното министерство ќе го изготви Упатството како предлог-подзаконски акт.
Трибината ја организираа ДОМ – комисија за туризам, СКТМ – Стопанската комора за туризам на Македонија и ХОТАМ – хотелската асоцијација на Македонија.
ЗАКЛУЧОЦИ
- По оваа трибина ќе биде формирана работна група за изготвување на предлог-текст на Упатството од 10 до 12 членови, кои натаму ќе се поделат во работни тимови.
- При изработката на Упатството за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет (во понатамошниот текст: Упатство) се препорачува да бидат консултирани професионалците од еснафот.
- Кординатор за формирање на работната група е Стопанската комора за туризам на Македонија.
- Кординаторот на работната група се задолжува најдоцна до 10 октомври 2008 да го подготви предлог–текстот на Упатсвото.
- Предлог-текстот на Упатството всушност треба да ги понуди основните принципи според кои треба да се изготви Упатството.
- Заклучоците од оваа трибина ќе бидат доставени до министерот за економија (во чиј ресор е секторот за туризам) и до вицепремиерот задолжен за економски прашања, г. Зоран Ставревски