На денешната прес конференција, ДОМ изрази задоволство од одлуката на Европската Комисија за зголемување на средствата од ИПАРД програмата за 12,5 милиони евра. Воедно, ДОМ ја почитува и поддржува заложбата на Владата за поддршка на земјоделството, како стопанска дејност која има витално значење во економскиот развој на Македонија. Притоа ДОМ сака да го сврти вниманието на јавноста и на Владата кон два значајни аспекти на земјоделството.
Првиот е агроекологијата како принцип на дејствување во земјоделството во кој освен што се остварува профит и се произведува храна, воедно треба да се покаже грижа за околината и пејсажот, заложба за одржлив развој на земјоделството, да се промовира земјоделска пракса која ќе го осигура здравјето на потрошувачите, конзервирање и заштита на биодиверзитетот на растителни и животински видови и други слични активности во насока на заштита на природниот, но и традиционалниот културен пејсаж – рече Благица Сековска од Извршниот одбор на ДОМ. Агроекологијата е основа за развој на туризмот бидејќи туристот сака да ужива во убавините на пејсажот, исто како и во културните и историските знаменитости. Ова не е новост во земјите на ЕУ, каде постојат строги прописи и мерки во поглед на имплементирањето на агроекологијата, кои се поврзани дури и со правилата на субвенционирање на земјоделството. Панче Николов, претседател на комисијата за замјоделство и рурален развој на ДОМ во споето ислагање истакна: Агроекологијата е содржана во вториот столб на политиката на ЕУ за рурален развој и зафаќа 52 % од вкупните финансиски фондови на Унијата. Таа претставува еден од основните услови за користење на финансиски средства од Програмите за рурален развој (на ЕУ), а воедно и ИПАРД програмата во Република Македонија и овозможува реализација на регионални проекти со кои можеме да се поврземе со земјите од регионот.Во Република Македонија сеуште не постојат интегрални мерки и програми од доменот на агроекологијата што не е случај со останатите европски земји.ДОМ во своето политичко дејствување ќе се залага за воведување на принципите на агроекологијата во развојните програми на ресорните министерства.
Вториот аспект е подигањето на нивото на информираност и едуцираност за користење на ИПАРД фондовите. Новите дополнети средства во ИПАРД програмата се само поголем предизвик подготвено да ги пречекаме и искористиме овие средства приближувајќи се чекор поблиску кон ЕУ. ДОМ во таа насока спроведе серија трибини ширум Македонија со цел да ги информира и едуцира земјоделците за користење на ИПАРД фондовите. Ние продолжуваме со овие активности со исто темпо и по изборите и ги повикуваме сите заинтересирани граѓани да се обратат во ДОМ за совет и поддршка.
28.05.2008