Во организација на Форумот на жените на ДОМ од Општинската организација во Ѓорче Петров, денес се одржа трибина на тема „Жените во Македонија меѓу реалноста и потребите“, на која учествуваа претседателката на ДОМ Лилјана Поповска и кандидатките за пратенички од листата на коалицијата „За подобра Македонија“ од Изборната единица 2.
На трибината беа изнесени реалните проблеми со кои македонската жена се соочува во секојдневието и истовремено беа истакнати заложбите на кандидатките за пратенички во Собранието на Република Македонија за решавање на истите.
На трибината беше дискутирано за следниве теми: здравствената заштита на жените, старосната дискриминација на жените при вработување, социјални мерки за олеснување на положбата на родителите на децата со посебни потреби, традиционалното наследно право – дискриминација на правото на жената на наследство, како и за правата и заштитата на самохраните мајки.
Жената во Македонија е во економска беда, поради отпуштањата од работа во текот на транзицијата. Таа е распната помеѓу егзистенцијата и своето семејство – рече Лилјана Поповска во своето обраќање и ја истакна потребата од активни државни мерки за подобрување на состојбата на жената, за таа да не се доведува во ситуација да бира помеѓу мајчинството и кариерата. Истовремено, ја издвои како приоритет потребата од водење на здрава демографска и популациона политика во нашето општество.
Владанка Авировиќ од СПМ, ја нагласи потребата од анимирање и едуцирање на жената, посебно од руралните подрачја, и рече дека е неопходно да се направат заложби за подобрување на животот на самохраните мајки, мајките на децата со посебни потреби и жените работнички. Во рамките на здравствената заштита особен акцент треба да се стави на заштитата на жената за превенцијата од ракот на дојка и грлото на матката.
Благородна Дулиќ, осврнувајќи се на традицијата која владее во македонското општество при правото на наследство, рече дека, иако законот тоа го има регулирано, сепак постои дикриминација на правото на наследство на жената,. Независно од полот, секоја единка мора да се бори да ги истакне своите квалитети но и правото на еднаквост кое треба да завладее во пракса, а тоа може да се постигне со континуирана едукација.
Учесничките на трибината донесоа заклучок за елиминација на сите форми на дискриминација против жената, а модераторот на трибината Надица Мусијан, ја затвори со следниве зборови „ Треба да се избориме за баланс кој е неопходен во секој сегмент од животот. Секој од нас носи нешто посебно во себе и треба да му се даде шанса да дојде до израз. Секогаш треба да се стремиме доброто да го направиме подобро, подоброто најдобро и тука да не застануваме, затоа што секогаш има нешто повеќе што треба да се постигне, нешто повеќе треба да се научи, нешто повеќе што треба да се направи, за сите нас“.
21.05.2008