Историјата во функција на туризмот

Во просториите на ДОМ  се одржа трибина на тема „Историјата во функција на туризмот“, а како воведен дел во трибината беше презентиран проектот „Историски фестивал – Охрид“, изработен од здружението на граѓани – Еон и Идеја О.К. -Консалтинг. Јасмина Пакашки, потпретседател на комисијата за туризам и воведничар на трибината истакна дека ДОМ во изминатите две години му даде посебна димензија на туризмот во Македонија и покажа дека Македонија има голем потенцијал.„Досега историјата и традицијата остануваа во доменот на науката, а сега се нуди еден поинаков концепт во функција на збогатување на туристичкиот производ“.

Проектот го претстави Звонко Наумовски, кој истакна дека Историскиот фестивал ќе биде историски спектакл на кој најзначајните имиња од Македонија и поширокиот балкански регион ќе ги промовираат и изведуваат во живо традиционалните и изворните вредности од области на културното, социјалното, едукативното и економското делување. Мисијата на овој фестивал е да ја подигне свесноста и почитта кон историското и културното наследство кое не опкружува и преку тоа да даде придонес во подигнувањето на севкупниот однос и стратегија за развојот на државата. Како активности кои се предвидуваат да бидат реализирани на овој фестивал тој ги потенцираше: инсценацијата на средновековен панаѓур, промоција на традиционалните вкусови и гастрономските вредности на Охрид и регионот, симулациски приказ на средновековни турнири и изработка на оружја и орудија и промоција на традиционалните вредности на витештвото и јунаштвото, изведба на музичко-сценски и литературни настани и др.

Очекуван резултат од фестивалот треба да биде тој да претставува најголема стилизирана атракција во Македонија и поширокиот дел на регионот, за да се постигне тематизирана и организирана туристичка понуда на Охрид и Македонија, да се промовираат културните и цивилизациски вредности на Република Македонија пред меѓународната јавност, отворање на друштва и здруженија кои ќе го негуваат автентичниот дух на македонската средновековна култура, историја и духовност и медиумска експонираност на Македонија во најзначајните глобални медиуми и на интернет.

Перо Јосифовски, програмски директор на Музејот на Македонија, ја поздрави идејата и понуди помош од Музејот, за што поавтентична реконструкција на настаните, опремата и иконографијата на фестивалот и посочи два примера како што е ковањето на средновековни монети и изработката на сувенири, како и печењето на охридска пастрмка во леб, според средновековните извори, која на тој начин била дистрибуирана на различни дестинации далеку од Охрид. Писмо за поддршка и реализација на овој проект, веќе ова лето, е упатено до Владата на Република Македонија. 


17.05.2008