ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА 03.05.2008
ДОМ е единствената партија која екологијата ја постави на врвот на своите програмски приоритети.
ДОМ во своите програмски заложби, особено внимание посветува на здравата животна средина и одржливиот развој, како клучни аспекти за развојот на општеството и економијата.Веруваме дека ова се основите на прогресот на Република Македонија како мала земја по површина со ограничени природни и човечки ресурси.
Сведоци сме на глобалните промени како во природните циклуси, така и во економските и финансиските текови. Климатските промени, производството на биогорива и заради тоа недостатокот од храна, сиромаштијата, неискористеноста на обновливите извори на енергија и другите, се проблеми со кои се соочуваме сите и претставуваат постојана закана на нашиот опстој.
Затоа ДОМ ја поддржува и работи на заштитата на животната средина, оти таа нуди нови современи технологии, а со тоа развој на науката и образованието, туризмот, информатичките технологии и развој на современа култура на урбано живеење. Тоа се новите цивилизациски трендови по кои Македонија треба да чекори понатаму, за да биде достоен член и партиципиент во големото европско семејство.
Со таа цел, ги повикуваме на соработка граѓаните на Македонија да ни се обратат и да ги споделат со нас нивните согледувања за конкретни еколошки проблеми и со тоа да ни се придружат во создавањето и исполнувањето на заедничка стратегија со која нашата земја ќе ја претвориме во еколошки чиста и социјално правична средина.
Граѓаните на Македонија сите свои предлози и информации можат да ги доставуваат на нашата интернет страница, телефон, електронска пошта или директно во канцелариите на ДОМ, низ целата земја.