ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО

                                 НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

             

Врз основа на член 71 став 1 од Уставот на Република Македонија и членовите 132  и 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Ви го поднесуваме Предлогот на закон за амнестија на лица кои дале неточни изјави за годишните приходи во Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија.

ПРАТЕНИЦИ,

                                                                      Лилјана Поповска____________________

                                                                      Павле Трајанов     ____________________

                                                                      Роза Топузова Каревска  ______________

                                                                      Солза Грчева     ______________________

                                                                      Љубица Буралиева ___________________

                                                                          

ВОВЕД:

I.ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Предлог законот има за цел да реши еден системски проблем кој се случи во втората половина на 2014-та година, кога енормна бројка од околу 15.000, главно невработени лица, по барање на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ) и Основното јавно обвинителство (ОЈО), речиси во сите градови низ земјата, беа прогласени за виновни и третирани како криминалци со отворени криминални досиеја во официјалната судска евиденција, затоа што наводно, го сториле кривичното дело „употреба на изјава со лажна содржина“, со тоа што пред ФЗОМ изјавиле дека немаат остварено приходи над 96.000 МКД. За оваа сериозна системска грешка во која се западнати државните институции и една голема група граѓани, укажа  Здружението за социјална правда „Ленка“, кои до пратениците во Собранието на Република Македонија доставија иницијатива за носење Закон за амнестија на 15.000, во најголем дел, невработени лица осудени поради давање неточни изјави за годишните приходи за 2011 и 2012 година пред Фондот за здравстено осигурување.

Оваа пресуда беше изречена според стара одредба на Законот за придонеси за здравствено и социјално осигурување, која подоцна беше обжалена од страна на здружението „Ленка“ пред Уставен суд и укината.  Увидувајќи ги проблемите што произлегле од спорната одредба, самиот Фонд за здравстено осигурување има донесено измени во Законот и сега веќе не  е потребна ИЗЈАВА од граѓаните за годишните приходи, туку по службен пат, таа работа ја врши Управата за јавни приходи. Значи, за идните корисници на услугите од Фондот нема да има проблеми, но проблемите ќе останат и ќе се зголемат за веќе осудените лица  и за сите кои дале неточни изјави во 2013 и 2014 година. Практично, создаден е правен вакум кој не може да се реши поинаку, освен со Закон за амнестија, поради променети околности.

За појаснување, кај најголем дел од неточните изјави се работи за мали разлики во примања, од 100 до 1.000 денари, како и за претежно сиромашна и често пати неука категорија наши сограѓани. Многу е мал бројот и се проценува на 400-500 лица, на оние граѓани што свесно направиле измама од големи размери и од нив Фондот може да бара оштета.

Најголем дел од лицата се наоѓаат во исклучително тешка материјална положба,  и истите во експресна постапка - согласно новиот Закон за кривична постапка („Службен  весник на Република Македонија“ број 150/10 и 100/12) - без можност да расправаат и да се бранат пред судот, преку издавање на т.н. казнен налог, при што сите без исклучок и без ценење на конкретните околности во секој поединечен случај се прогласени за виновни и им е изречена казна затвор во траење од 3 (три) месеци, со  истовремено  утврдена алтернативна мерка „условна осуда“ од 1 (една) година, а дополнително се задолжени да ги надоместат и трошоците на постапката во паушален износ од 3.000 денари. Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, ја продолжува постапката  во својство на наводно оштетен, и се упатува на поведување граѓански спор против нив со можност повторно, но сега во парнична постапка, да бидат осудени на надомест за евентуалната причинета штета.

Настанатиот проблем ќе стане уште посериозен кога на лицата ќе им достасаат следните неточни изјави (најчесто ги повториле истите износи, па и истите грешки), кога истите лица ќе станат рецидивисти и со тоа ќе мора да се исполни казната затвор од 3 месеци, а веќе сега се лица со досие и ќе изгубат редица граѓански привилегии и можности.

Во суштина, направен е правен преседан, зашто Изјавата за остварени приходи Пр. ИОП 1, чиј образец е издаден врз основа на подзаконски акт - министерскиот Правилник за формата и содржината на образецот на Изјавата за остварени приходи („Службен весник на Република Македонија“ број 82/11), а која е приложена како круцијален доказ од страна на ОЈО во сите овие контроверзни предмети, е невалиден правен документ бидејќи истата е укината со Одлука на Уставниот суд на РМ – У.бр. 157/2011 и како таква веќе не постои во правниот промет!

Всушност, Движењето за социјална правда „Ленка“ од Скопје и Асоцијацијата „Магна Карта“ од Велес, уште на 12 август 2011 година, поднесоа ургентна Иницијатива со предлог за изрекување времена мерка, а со цел оспорување токму на членовите 10-а и 10-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ 53/11), кој бара поднесување на ваква правно недопустлива изјава.

Во иницијалното позитивно Решение, како и во конечната касаторна Одлука на Уставниот суд на Република Македонија под наведениот архивски број, се вели дека: „Во конкретниов случај, според Судот обврската на (невработените) граѓани, кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување, тие да поднесуваат Изјава за остварени приходи – не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Имено, на граѓанинот со закон не може да му се востановуваат вакви обврски, од причина што ваква обврска може да вршат само надлежните државни институции, односно директно Управата за јавни приходи, нејзините надлежни органи и институции за социјално осигурување, но не и таа обврска да падне на товар на граѓанинот (стр. 4, пасус 2); како и тоа дека „според Судот, востановената обврска за поднесување Изјава за остварени приходи, на пропишан образец, значи повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, бидејќи таквата обврска не е во функција на обезбедување поголема социјална сигурност во сферата на социјалната заштита, а во таа смисла и на начелото на солидарност“ (стр. 4, пасус 3); понатаму дека „обврската на граѓанинот тој да поднесува Изјава за остварени приходи, не е соодветна, од причина што таква контрола и увид во остварените приходи треба да има УЈП (по службена должност), односно надлежните органи и институции, кои треба да имаат законска обврска да доставуваат докази од таков карактер таму каде што е потребно и нужно (стр. 4, пасус 4); и, конечно, дека „од формулацијата на оспорените членови 10-а, став 6 и 10-б, став 2 од предметниот оспорен Закон, според Судот, не произлегува јасно што е предмет на уредување на актот на Министерот за финансии, па поради нејасност и непрецизност,  сметаме дека законската определба за пропишување на формата и содржината на образецот од страна на Министерот за финансии, не може да претставува валидна законска основа за негово овластување да донесе таков подзаконски акт“ (стр. 4, пасус 5).

Исто така, да биде неправдата поголема, ОЈО и првостепените судови не го зеле предвид и фактот дека наведената сума во Уверенијата издадени на УЈП, всушност е целокупниот БРУТО, а не НЕТО-износ на остварените годишни примања на граѓаните во текот на целата претходна календарска 2011 и 2012 година. Исто така, недозволиво е и тоа што дури се наведени и месечни ануитети на трансакциските сметки кои граѓаните сами си ги уплаќале за враќање на земени кредити од банките, односно тие се нивна лична уплата на дебитни/кредитни картички за дозволено пречекорување, со цел пребивање и сервисирање на банкарскиот долг кој го имале. Оттука, истите овие парични средства, кои впрочем самите на себе си ги уплаќале за да вратат кредит, не може и НЕ СМЕЕ да им се третираат како божемни „лични приходи“,  бидејќи тие тоа не се по ниту еден легален основ.

Од сево ова произлегува дека овие лица се неправично осудени за нешто за што воопшто нема битни елементи, односно битие на делото за т.н. интелектуален фалсификат, за кој неосновано се товарат – Употреба на исправа со невистинита содржина (по член 380, став 1 од Кривичниот законик), а кое е стипулирано во главата посветена на „Кривични дела против правниот сообраќај“.

Имено, смислата на ова инкриминирано дејствие е да се попречи во правниот промет да циркулираат навидум вистинити исправи, но со невистинита содржина и за истото да се казни безусловно и стриктно се бара директна умисла (dolus directus), т.е. докажана намера и повисок степен на вина како нужен и неопходен услов (conditio sine qua non) за прогласување на лицето за виновно и за соодветно изрекување на санкција – било да е тоа казна или, пак, алтернативна мерка. Всушност, од самата формулација се гледа дека за лицето кривично да одговара за ова дело, тоа морало претходно да знае дека списот е со невистинита содржина, што in concreto воопшто не е случај, бидејќи поголемиот дел од лицата кога ги потпишале овие изјави во ФЗОМ не ги ни прочитале, ниту пак биле свесни што потпишуваат, а не можеле да добијат ниту релевантни инструкции од тамошните службеници, затоа што и тие не го знаеле словото на законот, било поради неговите пречести измени и дополнувања, било поради нивната некомпетентност.

Имено, во најголем дел од овие случаи како екскулпирачки околности не се земени следниве факти:

1. Дека не постои кривична одговорност – бидејќи „кривично е одговорен само сторителот кој е пресметлив и што кривичното дело го сторил со умисла или од небрежност, а притоа бил свесен или бил должен и можел да биде свесен за забранетоста на делото (член 5, став1 од Кривичниот законик);

2. Постои стварна заблуда – бидејќи „не е кривично одговорен сторителот кој во време на извршувањето на кривичното дело не бил свесен за некое негово обележје определено со закон или ако погрешно сметал дека постојат околности според кои, доколку тие навистина постоеле, тоа дело би било дозволено“ (член 16, став 1 од Кривичниот законик) и

3. Поради тоа што најголем дел од невработените не се правници, а оваа материја е подложна на пречести законски измени - само матичниот Закон за пидонеси од задолжително социјално осигурување е менуван дури девет пати во рок од шест години. Тука постои и правна заблуда – бидејќи „не е кривично одговорен сторителот на кривично дело кој, од оправдани причини, не знаел и не можел да знае дека тоа дело е забрането“.

Исто така, судиите во основните судови не ги зеле предвид и следниве олеснителни околности:

1. Дека делото ги има сите обележја на дело од мало значење – бидејќи евентуалната пријавена штета на ФЗОМ е смешни стотина денари, а имајќи го предвид фактот познат уште од римското право, дека судот не суди за ситници и „не е кривично дело она дело што, иако содржи обележја на кривично дело, претставува дело од мало значење поради отсуството или незначителноста на штетните последици и нискиот степен на кривична одговорност на сторителот“ (член 8 од Кривичниот законик);

 2. Дотогашната неосудуваност и штетата која лицата ја претрпуваат од отворањето криминално досие за прв пат во нивниот живот (пример  неможност да конкурираат на огласи за вработување кадешто се бараат потврди за неосудуваност, или да аплицираат за виза) и сл.

II.ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Целта на овој Предлог на закон е враќање на нарушеното уставно начело на владеење на правото и гарантирање на правната сигурност на граѓаните, својствени за една демократска и современа правна држава, како и почитување на концептот на социјална држава – што веќе еднаш е потенцирано од страна на Уставнот суд на Република Македонија како надлежен државен орган за контрола на уставноста и законитоста на прописите.

III. ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

  

            Спроведувањето на овој закон не предизвикува никакви финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија или врз другите јавни финансии.

           

IV. ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ И НАЧИНОТ НА НИВНОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, КАКО И ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

            За спроведување на овој закон, не се потребни дополнителни финансиски

средства од Буџетот на Република Македонија.

ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА НА ЛИЦА КОИ ДАЛЕ НЕТОЧНИ ИЗЈАВИ ЗА ГОДИШНИТЕ ПРИХОДИ ВО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 1

Подрачје на примена

            (1) Со овој закон се ослободуваат од секакво гонење и се запираат кривичните постапки иницирани од Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, во било кој степен и во било која фаза и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната (во натамошниот текст: амнестија), граѓаните на Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомнение дека до денот на влегувањето во сила на овој закон сториле кривични дела по член 380 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број37/1996 и 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/11, 185/11, 142/12, 166/12, 55/13, 82/13, 28/14) „Употреба на исправа со невистинита содржина“.

            (2) Се определува итно бришење на условните казни и осудителните пресуди и се укинува правната последица на правосилната осуда, а имињата на  лицата од ставот (1) на овој член, трајно се бришат од криминалната евиденција на осудени лица.

            (3) Доколку против лицата од ставот (1) на овој член е инициран  граѓански спор за надомест на штета од Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, истиот се запира.

Член 2

Решение за амнестија и право на жалба

            (1) Решението за амнестија, согласно со одредбите на овој закон, го донесува првостепениот суд којшто ја донел пресудата, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој  закон.

            (2) Против решението од ставот (1) на овој член, жалба можат да поднесат, осуденото лице и лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.

            (3) Јавниот обвинител не може да поднесе жалба против решението со кое лицето е амнестирано.

Член 3

Супсидијарна примена на други закони

            Во постапката за спроведување на овој закон се применуваат и одредбите на Законот за кривичната постапка и Законот за извршување на санкциите, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Член 4

Подзаконски акти

            Упатство за спроведување на овој закон донесува Министерот за правда наредниот ден од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 5

Влегување во сила

            Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување