Popovska vo Evropskiot Parlament

На јавната расправа во Европскиот парламент на 30.06.2015 организирана од групата на Европските зелени на тема:Политичка ситуација во Македонија, Пратеничката Лилјана Поповска го одржа следниот говор:

Почитувани претседавачки, госпоѓи Хармс и Луначек,

И благодарам на групата на Европските Зелени во Европскиот парламент за организирањето на оваа дебата за Македонија, чија цел е да се запознаете подобро со политичката состојба во нашата земја. Европските Зелени се со години доследни во своите ставови за поддршка на евроинтеграцијата на нашата и другите земји од Западен Балкан. И при последните расправи за Македонија, Европските Зелени препорачаа земјата да не се кочи поради билатерални прашања, кои треба да се решаваат одделно.

Како пратеничка од македонскиот парламент, во оваа пригода Ве замолувам да се заложите Европската Комисија да не ја повлече препораката за Македонија поради политичката криза. Напротив, верувам дека само подадена рака од ЕУ може да не извлече и од кризата, но и од грешките во кои западнавме како држава.

Ќе бидам слободна да кажам, сметам дека и ЕУ има свој удел во кризата, зашто не ги испочитува до крај критериумите што сама ги постави. Македонија беше првата земја во регионот што пред 14 години  ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, веќе 10 години е земја-кандидат, а сега веќе 7 години е оставена во чекална. Добиени се  6 препораки од Европскиот парламент и Европската Комисија за почеток на пристапни преговори, но тоа не се реализира поради вето на една членка  во Советот на министри. Ова создаде фрустрации кај македонските граѓани и поле за развој на регресивни процеси. Така од успешна приказна и земја реформатор во 2009, кога стигна првата препорака, дојдовме до сегашнава политичка криза.

Се разбира, главни актери во сегашнава политичка криза се луѓе од македонските политички елити, кои треба да најдат сила и разум, за да ја извлечат земјата од кризата на мирен начин, низ дијалог помеѓу власта и опозицијата. Преговорите на лидерите на четирите највлијателни партии во земјата, кои се водат веќе втор месец со посредство на Европската унија и САД, даваат надеж дека е најдена рамка за разрешница.

А сега би направила куса хронологија на политичката криза и нејзиниот одек во македонската јавност. Како што веројатно знаете, најголемиот дел од опозицијата не ги призна резултатите од минатогодишните парламентарни избори, веднаш по затворањето на гласачките кутии, иако разликата со владиниот блок беше 200.000 гласови. Опозицијата остана надвор од парламентот, барајќи преодна влада и нови избори. За многумина во земјата тоа беше прилично неразбирливо, се до февруари оваа година, кога почна јавно објавување на снимени разговори на високи државни функционери и политичари, т.н. „бомби“.

Тие „бомби“ беа ментален шок за граѓаните, прво  поради самата информација дека имало масовно неовластено прислушкување, второ, поради истекување на вакви приватни материјали во јавноста и трето, поради содржината на разговорите. Во  нив се зборуваше за прекршување на принципите на правната држава, демократијата, човековите права и слободи, од страна на високи државни функционери. Она што го чувме се однесуваше на изборите, на работата на различни државни институции, на односот кон медиумите и политичките опоненти, како и на разни други активности во полза на поединци или групи.

Граѓаните беа изложени на две спротиставени кампањи од најголемите партии во власта и опозицијата. На опозиционите „бомби“ владеачката партија одговори со обвинение кон опозициониот лидер за уцена на премиерот и соработка со странски служби. Сега беа пуштени снимки од нивна страна и покренати судски процеси. Се создаде и се уште постои силна поделеност помеѓу поддржувачите на едната и на другата партија. Но, како многу значајна новина, се создаде силно граѓанско ткиво на различни групи со различно етничко и верско потекло, што веројатно ќе биде и најголемата придобивка од оваа криза. Верувам дека токму тие разбудени граѓани ќе бидат идните чувари на демократијата на секоја идна власт.

Во првите два месеца од објавувањето на снимките постоеше голема збунетост кај граѓаните, кои беа поделени помеѓу двете пласирани верзии за потеклото на снимките. Според анкета направена по првите две недели од страна на Институтот за демократија, Македонскиот центар за меѓународна соработка и телевизија Телма, 29% од граѓаните веруваа дека разговорите се направени од службата за внатрешна безбедност, 36% од странски служби, а 35% не се изјасниле.

Но, по многуте слушани разговори се смени соодносот. Неодамна објавеното истражување на јавното мислење во мај, организирано од Македонскиот центар за европско образование, покажа дека 41,1% сметаат дека снимките се направени од службата за внатрешна безбедност, а 23,2% дека се од странски служби. Од друга страна, пак, во автентичноста на снимките веруваат 52,1% од граѓаните, а не веруваат 19,3%. Одбиле да се изјаснат 26%.

За разјаснување на состојбите придонесе и извештајот од експертската група на Европската комисија, каде е направена анализа на функционирањето на нашите институции, во светло на содржината од снимените разговори. Во извештајот се наведува мислење дека снимките се направени од домашната служба за внатрешна безбедност и дека се автентични; дека не се лоши законите, туку е проблем нивната правилна имплементација; дека е ослабен капацитетот на институциите; дека има мешање на партијата со државата и многу други забелешки, слични на оние од претходните извештаи на Европската комисија. Извештајот го прифатија политичките лидери и е основа за идни активности. Во меѓувреме, оставки си дадоа директорот на службата за внатрешна безбедност и двајца министри (на полиција и на транспорт и врски).

Сакајќи да помогнеме во решавањето на оваа политичка криза, ДОМ, како  партија на зелените, излезе од владината коалиција. По излегувањето, засилено продолжи со конструктивни предлози кои ги дадовме и додека бевме во коалиција.

Според сите сознанија од македонската политичка сцена, од она што се слушна во снимените разговори, како и од она што е согледано во извештајот, за мене и за колегите од партијата ДОМ, логично произлегува дека за излез од политичката криза е неопходен поголем пакет со политички и правни мерки, кој треба да се договори помеѓу партиските лидери. Ова во повеќе наврати јавно го предложивме:

1) Во политичкиот дел, да се формира некој вид преодна влада со јасно дефиниран мандат да го ревидира изборниот список и изборното законодавство, како и да подготви предвремени избори, чии резултати ќе бидат реални и признаени од сите страни. Тоа подразбира враќање на опозицијата во парламентот и формирање парламентарни анкетни комисии за спорните политички случаи.

2) Во правниот дел, да се тргне од оставка на јавниот обвинител и избор на нов со консензус, како клучна фигура за враќање на довербата во правниот поредок и пристапот до правда. Потоа, низ транспарентна постапка да се истражат сите информации кои укажуваат на прекршувања на законот или кривични дела.

Ова е болен процес за македонското општество, но ќе треба да го поминеме на мирен и разумен начин, со најмала штета за граѓаните и државата. Во земјата и понатаму постои широка граѓанска поддршка за евроинтеграцискиот процес. Очекуваме поддршка и конкретна помош од европските пријатели со конечно започнување на преговорите за членство. Само така, со интеграција на Македонија  и сите земји од Западен Балкан, мировниот проект на Европската унија ќе биде целосно исполнет.

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин e-mail: maja.moracanin@dom.org.mk
тел: +389 75 61 81 93

Социјални медиуми

Анкета