DOM zname

Во организација на комисијата за образование на ДОМ, денеска во Клубот на пратеници се одржа трибина на тема „Наставните планови и програми – применливост на знаењата”. Отворајќи ја трибината, Лилјана Поповска, претседател на ДОМ и пратеник во Собранието на РМ, акцентираше дека наставните планови и програми се оптоварени со фактографија и не се приспособени кон возраста на учениците и токму потребата од нивно менување беше повод за трибината. Како гости на трибината присуствуваа стручњаци од областа на образованието од Бирото за развој на образованието, наставници и професори во основното и во средното гимназиско и стручно образование, како и ученици од неколку средни училишта.

Во отворената и плодна дискусија беа отворени повеќе актуелни прашања - Снежана Мироновска, директор на гимназијата „Ј.Б. Тито” зборуваше за временската неусогласеност во изготвувањето на наставните планови, програми и учебници, Снежана Димитрова, професор по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов” се осврна на прашањето кој учествува во изготвувањето на наставните планови, програми и учебници и кому му се тие наменети, а, пак, Слаѓана Стаменкова зборуваше за тоа каква е потребата од континуитет, анализа и повратна информација при изготвувањето на наставните планови, програми и учебници.  

На трибината беше заклучено дека е потребна истовремена, координирана подготовка на наставните планови, програми и учебници, при што заедно со стручниот кадар за изготвување на наставните планови, праграми и учебници треба да бидат вклучени и реализаторите на наставата. Притоа треба да се води сметка учебникот навистина да биде алатка за ученикот. Потребно е активно вклучување на наставниот кадар, учениците и родителите во согледувањето на квалитетот на наставните планови, програми и учебници, а новодонесените планови и програми треба да се дадат на широка јавна расправа, беше заклучено на крајот од трибината.