DOM zname

ДОМ ја изразува својата загриженост поради широко отворената врата за влез на генетски модифицирани организми во Македонија, преку Правилникот за сточна храна, донесен неодамна од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, со кој се дозволува увоз на ГМО - сточна храна од 1 октомври оваа година.

ДОМ предлага сторнирање на Правилникот, за да може да се преиспитаат сите елементи што тој ги содржи. Формално-правно, Правилникот е базиран врз Законот за генетски модифицирани организми, кој исто така бара сериозно и стручно препрочитување и редефинирање во повеќе поглавја. Донесен е како обврска да се усогласиме со меѓународните конвенции и ЕУ-регулативата, кои и самите се нејасни, а во делови и контрадикторни.

ГМО е нова тема во земјава, а во светот се водат жестоки дебати ЗА и ПРОТИВ ГМО во последниве 2 децении. Во разни земји различно се третира - од тотална забрана, преку дозвола на производи со траги од ГМО (главно во европските земји), се до масовна употреба на ГМО (во Сев. и Јужна Америка и др. земји). Слична приказна како со пестицидите - од најфалени, до најкудени!

Во светски размери постои силно движење против употреба на ГМО. Отпорот за нивна примена лежи во тоа што тие организми се вештачки создадени, брзо и масовно се репродуцираат, не можат де се контролираат, го уништуваат постоечкиот биодиверзитет, а дури на подолг рок можат да се согледаат последиците кај луѓето и животните.

Како што и нашиот закон ги дефинира во членот 3, „Генетски модифициран жив организам е каков било жив организам кој поседуванеобична комбинација на генетски материјал добиен со примена на биотехнологија и е способен да се размножува.” И понатаму „Генетскиот материјал е променет на начин кој природно не се случува со процесите на размножување ... и е дел од растение, животно, габи, микроорганизам или вирус кој содржи наследна информација.” Значи, се креираат чудовишни организми, спој на растенија, животни, вируси, како од научно-фантастичните филмови, кои се агресивни кон останатиот жив свет, а кај луѓето и животните може да предизвикаат сериозни дефекти и болести.

Анализирајќи го законот за ГМО, се гледа една недоследност. Од една страна како свои цели дефинира: обезбедување  висок степен на заштита на здравјето на луѓето и животната средина при управувањето со ГМО, како и зачувување на биолошката разновидност и контролирање на ризиците при ослободување на ГМО. За тие цели во членовите 11, 12, 13 и 61 предвидува редица механизми за следење и контрола на евентуалните штети од ширење на ГМО, комплетен увид и консултација на јавноста, Комисија за управување со ГМО и најмалку тригодишни извештаи до Собранието, од страна на министерствата за животна средина, земјоделие и здравство.

Подоцна, Министерството за животна средина има изготвено 3 правилници за оценка на ризикот врз животната средина при ослободување ГМО, со план за итни мерки во случај на ненамерно ослободување ГМО, со вклучување на сите институции, па и органи за заштита, спасување и управување со кризи. Предвидена е деконтаминација на погодени подрачја, отстранување и дезинфекција на растенија, животни и предмети кои биле изложени, се до обука на граѓани во случај на несреќа и ослободување на ГМО. Постои и владина Уредба за целосна забрана на ГМО на заштитени подрачја како национални паркови, природни резервати, споменици и паркови на природата, зони за еко-туризам и зони за производство на органска храна.

На изготвувачите на овие законски и подзаконски акти очигледно им била јасна опасноста од ГМО, па предвиделе сериозни мерки за заштита, но, во истиот, веќе спомнат закон, не многу видливо, се содржи и можноста за употреба на ГМО во земјава, преку членот 5 за Исклучоци од примена на Законот. И токму овој член изгледа бил основа за поготовка на Правилникот за сточна храна, кој ја вознемири јавноста, зашто дури сега се соочивме со ГМО во својот живот - преку сточната храна, во продуктите од животните, преку нив во организмите на сите нас и нашите деца!

Значи, простор за загриженост има и затоа ДОМ ја  продолжува кампањата за заштита на Македонија од ГМО, што ја започна во јуни и ја повикува стручната јавност и граѓаните да се вклучат во серијата јавни дебати што ги иницира. Следната ќе биде на 24 септември, во вторник, во КО-РА (Дом на градежните работници) од 11 часот, под наслов: Се почнува од семето. Ќе говориме за важноста да ги зачуваме автохтоните семиња, да го зачуваме биодиверзитетот на Македонија и да се одбраниме од навидум евтините, а всушност бескрајно скапи и ризични ГМО-семиња.