20130504 145416

Лилјана Поповска во интервју со германските зелени.

Во рамките на нејзиното учество на Деновите на евангелистичката црква во Хамбург, претседателката на ДОМ и членот на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Поповска, даде интервју на штандот на зелената партија во Германија, Bündnis 90/Die Grünen. Г-ѓа Поповска го водеше разговорот сог-ѓа Сибиле Матфелт-Klot (Sybille Mattfeldt-Kloth), подпретседателката на зелената партија во државата Долна Саксонија.

Г-ѓа Поповска ја информира германската соговорничка околу почетоците на зелената опција во Република Македонија, партијата ДОМ, која е формирана во 2006 година и нагласи дека ДОМ оваа година настапи прв пат самостојно на локалните избори. Запрашана околу програмските цели на партијата, г-ѓа Поповска ги подвлече четирите приоритети во програмата: зелени општини за здрав живот, зелена економија и зелени работни места, социјална правда и еднакви можности зе сите, за жените и мажите како и толеранција, разум и соработка. Двете соговорнички заклучија дека постои голем простор за соработка помеѓу зелените партии во Македонија и Германија, особено кога е во прашање развојот на соларната енергија во Македонија.

 Како претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, г-ѓа Поповска ја информира г-ѓа Матфелт-Klot дека над 30% на пратениците во Собранието на Република Македонија се жени, понатаму дека во земјата постои добро организирана лоби-група на жени и се работи во многу други области во интерес на заштитата на правата на жените, како на пример против семејното насилство.

 Г-ѓа Поповска понатаму оствари средба со г-дин Даниел Буда (Daniel Buda) од Светскиот совет на црквите (World Council of Churches, www.oikumene.org) од Женева, разговарајќи со него околу проблемот со непризнавањето на Македонската Православна Црква.

 Во рамките на приемот на протестантската организација за развој  „Брот фуер ди велт” (Brot für die Welt, www.brot-fuer-die-welt) г-ѓа Поповска размени мислења околу интеграцискиот процес на Република Македонија во Европската Унија со г-ѓа Елен Уебершер (Ellen Ueberschär), генералниот секретар на Деновите на евангелистичката црква.