DOM zname

ДОМ ја смета изјавата на Владиката Петар за средновековна и неприкладна за 21-от век. Изјавата е крајно навредлива за жените, зашто ги одрекува уставно загарантираните права на еднаквост на двата пола и на избор за раѓање деца.

Оваа изјава е навредлива и за секој граѓанин на Република Македонија, зашто наметнува средновековни стереотипи за улогата на жената во семејството и општеството, истовремено нарушувајќи го секуларниот карактер на државата.

ДОМ очекува МПЦ да се огради од изјавата на Владиката Петар и неговиот ретрограден став, зашто во спротивно таа би направила огромна штета и за жената и мажот, но и за државата и нацијата за која е загрижена. Секој претставник на МПЦ треба да го чува угледот и достоинството на таа институција, која одиграла многу важна улога во борбата за македонска држава и формирање на македонскиот национален и културен идентитет.

Црквата треба да биде духовна потпора на современиот човек, живеејќи го сегашниот момент, а не да биде закана и заплашувач! Ниеден црковен великодостојник нема право да ги злоупотребува верските чуства на своите верници, за да им всади назадни идеи и чуство на вина за сите проблеми во државата!

Цела Европа е соочена со проблемот со низок наталитет и недостиг на работна сила и секоја земја бара свои решенија. Нашата држава го лоцираше тој проблем и затоа Министерството за труд и социјална политика го започна процесот на ревизија на постоечката демографска стратегија, по претходна поддршка од јавната расправа во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, со присуство на невладини организации и експерти.

Реалните решенија веројатно ќе треба да се бараат во редица економски и социјални мерки, слични на оние од Европската стратегија за економско јакнење на жените 2020, каде акцентот е ставен на она што државата треба да го направи за баланс на приватниот и професионалниот живот на жената, полесен пристап до пазарот на трудот преку флексибилно работно време и работа од дома, се до рамноправно вклучување на жената и мажот во подигањето и воспитувањето на децата и одржувањето на домаќинството.