Во изминатите неколку месеци светот се соочува со до сега во мирнодопски услови невидени закани по здравјето и благосостојбата на луѓето предизвикани од коронавирусот. Здравствените експерти укажуваат дека корона пандемијата ќе продолжи да претставува сериозна опасност и во следниот период, се додека не се пронајде вакцина против вирусот. Оттука, неминовно е прифаќањето на новата реалност и фактот дека ќе мораме да се научиме да живееме заедно со вирусот, штитејќи го своето и здравјето на другите луѓе преку почитување на мерките за заштита: одржување дистанца од 2 метра, носење заштитна маска на лицето и често миење на рацете.

За Зелената партија ДОМ здравјето на граѓаните е највисок приоритет. Затоа инсистираме на строго почитување на заштитните мерки. Од тие причини ДОМ уште во март ги затвори сите општински канцеларии, а активностите од доменот на Централната канцеларија се изведуваа од дома. Сите партиски состаноци, конференции и обуки се одвиваа онлајн.

Во контекст на претстојните парламентарни избори закажани на 15 јули, инсистираме на целосно почитување на препораките и мерките од Министерството за здравство и СЗО и следниот

                                                  Протокол за заштита од коронавирусот

 

  1. Останува во функција единствено Централната канцеларија на ДОМ во Скопје, а општински канцеларии или штабови нема да се отвораат.
  2. Да продолжи воспоставената пракса за одржување онлајн состаноци.
  3. Во случај на неопходни средби во канцеларијата, да не присуствуваат повеќе од 10 луѓе.
  4. Во секоја просторија на канцеларијата постојано да има заштитни маски и средства за дезинфекција на рацете.
  5. Секое лице присутно во канцеларијата задолжително да носи заштитна маска.
  6. При евентуални состаноци, растојанието меѓу присутните да биде најмалку 2 метра, со задолжително носење маска на лицето.
  7. Да се врши дезинфекција на работните површини пред и по секој состанок.
  8. Постојано да се проветрува просторијата.
  9. Да не се користат клима уредите.
  10. За време на средбите со граѓани на отворено, да се држи дистанца и задолжително да се носи маска на лицето.
  11. При средбите, активистите од ДОМ задолжително да носат со себе повеќе маски, во случај ако соговорникот нема маска, да му биде веднаш обезбедена.
  12. Активистите од ДОМ да присуствуваат на средби во затворени простори само доколку има услови за одржување дистанца, со задолжителна маска на лицето и да нема присутни повеќе од 30 лица.
  13. Активистите на ДОМ да присуствуваат на средби на отворено само доколку има услови за одржување дистанца, со задолжителна маска на лицето и да нема присутни повеќе од 50 лица.
  14. Доколку се поканети на средба на која се присутни повеќе од 30, односно 50 лица, активистите од ДОМ да реагираат кај организаторот и да ја напуштат средбата.
  15. При патување да нема повеќе од 2 лица во еден автомобил и да носат заштитна маска на лицето.
  16. На денот на изборите строго да се почитуваат препораките од здравствените власти и ДИК.