12

Поглавјето за животна средина да се отвори на почетокот на преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ, беше заклучокот на конференцијата „Акција против климатските промени СЕГА!“ што вчера се одржа во организација на Зелениот институт и ДОМ, а со поддршка на холандската фондација Биро де Хелинг. Учесниците на собирот се согласија дека ова прашање е со еднаква важност, но и комплексност, како и поглавјата за правда и слободи, кои секогаш се отвораат први и се затвораат последни.

Оваа конференција беше во рамките на посетата на ДОМ од страна на делегација од Европските зелени од 1 до 3 октомври 2019 година, во која е членот на Извршниот комитет на европската партија и поранешен европратеник од Австрија, Томас Вајс, заедно со координаторката за соработка со партиите членки, Весна Јусуп.

Конференцијата ја отворија Наташа Амдиу, претседателка на Зелениот институт и Маја Морачанин, претседателка на ДОМ, која говореше за зелените политики за климатска акција. За европските искуства во борбата со климатските промени зборуваше Томас Вајс од Европските зелени, а за националните придонеси кон Парискиот договор Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина. Деканот на Шумарски факултет, проф. Кирил Сотировски говореше за улогата на шумите и урбаното зеленило во заштитата на климата, а проф. Зоран Димов од Факултетот за земјоделски науки и храна, за неопходните промени во земјоделската пракса. За одговорноста на медиумите за еколошката свест и родовата перспектива во климатските промени се осврна Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“, а за потребата од поамбициозни климатски политики, Елена Николовска од „Еко-Свест“. Конференцијата ја модерираше Лилјана Поповска, пратеничка од ДОМ.