sobranie

Ја информираме јавноста дека во Собранието на Р.С. Македонија се формираше Иницијатива за една изборна единица, во која се вклучија 12 пратеници од 10 партии и 1 независен пратеник. На средбата во собранискиот Клуб на пратеници, одржана на 11 септември 2019 година, формирана е група од пратеници кои се залагаат за пропорционален изборен модел со една изборна единица.

 

Како пратеници од Иницијативата бараме да бидеме вклучени во процесот на измена на Изборниот законик, на кој сме обврзани како држава по забелешките на ОБСЕ/ОДИХИР од последните парламентарни избори. За таа цел, денес писмено преку архивата побаравме состанок со Претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателите на трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го водат овој процес.

Цениме дека на ваков начин ќе се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност на целиот процес, како и почитување на вољата на оние граѓани кои очекуваат демократизација на земјата преку измени во изборниот модел.

Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија на сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Тоа е доволен период за да може да се видат и анализираат позитивните и негативните ефекти од него. Тој беше секако подобар од претходниот мнозински изборен модел, зашто обезбеди поправичен избор на пратеници според бројот на гласови на гласачите. Сепак, распределбата на остатокот од гласовите од листите кои не обезбедиле мандат, преку Донтовиот метод, оди во прилог на најголемите субјекти.

Најголемиот недостаток на овој модел е ограничувањето за листи на партии или поединци да обезбедат мандат, доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица. Така се случуваше да отпаднат листи кои на ниво на цела држава имаа 30-40.000 гласови, а во Парламентот да може да влезат, со мали исклучоци, само неколку поголеми партии.

Ова имаше директно негативно влијание врз македонската демократија, стимулирајќи само неколку големи партии, принудувајќи ги другите политички субјекти во предизборни коалиции, а на граѓаните оневозможувајќи им да влијаат директно врз изборот на пратеник од одреден идеолошки профил, надвор од понудата црно-бело.

Во прилог Ви го доставуваме списокот на пратеници, кои стојат зад Иницијативата за една изборна единица: Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.

Со почит,

Иницијатива за 1 ЕИ

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета