Kako do kvalitetno i inkluzivno obrazovanie Tribina 1

Важноста на инклузијата и меѓуетничката интеграција беа едни од главните мотиви за развивање на вчерашната дискусија, организирана од ДОМ. Освен креирањето на образовните политики, споредбата со образовниот систем во Шведска, на дебатата се наметнаа дополнителни теми кои го третираат образованието.

Поранешниот министер за образование од Шведска, Густав Фридолин посочи дека без подеднакво достапно образование за сите деца, не може да се зборува за равој на едно просперитетно општество.

Зборувајќи за развојот на шведскиот образовен модел, вели: „Прво почнавме многу да вложуваме во коренот на образованиот систем. Инвестираме во учителиштата, ги креваме платите на наставниците, но и на другите професионалци што работат во училиштата, а инвестираме и во предшколското образование“.

Поради демографските промени како последица на миграцијата, потенцира дека Шведска се стреми истиот квалитет да им се овозможи и на мигрантите. Исто така, нагласи дека сексуалното образование е важен фактор за родовата еднаквост.

Според Петар Атанасов, заменик министерот за образование, очигледно е кога едно зрело општество ќе реши да поправи нешто, ќе дојдат и резултатите. За македонското поделеното општество, пак, вели дека има генерации на деца кои не се разбираат.

„Вториот приоритет е да се разбереме јазично. Нашите деца учат два странски јазика во основно образование, а не знаат ни една реченица на јазикот на некој што живее покрај нив, што е навистина неблагодарно. Ќе направиме напори ова да се промени. Вчера слушнав на дебатата при промоцијата на стратегијата за едно општество и интеркултурализам, Ромите одамна се четирилингвални, Албанците и Турците се трилингвални. Мораме да се разбереме и да научиме нешто од јазикот на другите“, додава тој.

Смета дека е конечно време да се формира и дизајнира, програма или месец на кој ќе се посвети поголемо внимание на овие теми, наспроти досегашната практика во образовниот процес, со прескокнување одредени лекции по историја.

Атанасов најави формирање на нов сектор во ресорното министерството кој ќе се нарекува „сектор за интеркултурно, интегрирано и инклузивно образование“. Посочи и на нереформираното гимназиско образование, а вели дека пробуваат да ги поместат работите и во средното стручно образование. Околу инклузијатa во новиот закон, нагласи: „Во моментов, не можеме да одиме со целосна инклузија, не сме подготвени, мора кога работиме со инклузивно образование да мислиме на семејствата, на специјалните едукатори, какви деца со попречености имаме, која е популацијата“.

„Имаме кадри, но треба да ги ставиме во функција. Понекогаш на пет деца со попреченост им требаат десет различни профили на асистенти“, заклучи Атанасов.

Споменка Лазаревска од Фондацијата отворено општество Македонија ја потенцира важноста и улогата на наставниците, а еден од приоритетите им е инклузијата на младите Роми и припадниците на другите етнички заедници.

За да се дојде поквалитетни образовни политики, вели таа, треба да се исполнат повеќе предуслови, но за тоа треба инклузивен процес со сите засегнати страни.

„Кога мислам на сите засегнати страни, мислам на наставниците, практичарите, на академската заедница, на родителите и на сите други што можат да придонесат во креирањето на политиките“, додава таа.

Укажа на потребата да се земат предвид анализите што се прават во земјава од институциите и од организациите, тинк-тенковите, но и меѓународните истражувања. Политиките кои се носат, според неа, треба да се носат врз основа на она што е практика, поконкретно најдобрите решенија на хартија да се спроведат во училница.

„Имаме мали рурални средини во кои наставата се уште се одвива во комбинирани паралелки од прво до шесто одделение. Наставникот работи со деца од различна возраст, како ќе ги спроведува политиките? Мора да се води сметка кога се носат некакви решенија“, забележува Лазаревска.

Kako do kvalitetno i inkluzivno obrazovanie Tribina 2

Младинскиот глас неизостана од оваа дебата. Можноста да ги вкрсти размислувањата го имаше претседателката на Младинскиот образовен форум, Стефани Спировска.

Спировска потсети на податоците на Светската банка кои покажуваат дека во 12 годишното континуирано образование, учениците губат 4 години. Посочи на оценувањето кое упатува на тоа дека во државава немаме соодветно обучен наставен кадар што ќе ги гради следните генерации на млади луѓе.

„Драго ни е што гледаме политичка волја за правење конкретни измени за кои се задолжуваме, но ме загрижува тоа што остануваме само на политичката волја, а некои промени кои се полесни да се направат, чекаат повеќе време“, вели Спировска.

Според неа, повеќето професори немаат поминато обука за методика, за работа со ученици со попреченост.

„Па така, дел од учениците од истражување кое го правевме во 2018 година, велат дека професорите знаат како да ни помогнат, онолку колку што ние за време на одморите и паузите ќе им раскажеме, бидејќи тие не доаѓаат претходно подготвени. Дали е тоа за дијагноза, за потребите на учениците кои се вклучени, тука заедно се договараат како меѓусебно можат да си го олеснат процесот“, нагласува таа.

Спировска меѓу нотираните недостатоци ја вброи и асистивната технологија и асистивните помагала, материјалите и учебниците на Брајова азбука. Го наведе проблемот каде учениците се ставени во ситуација да пишуваат на машина со Брајово писмо околу 5 илјади страни во година, само да имаат од што да го совладаат материјалот.

Ја спомена и меѓуетничката интеграција, каде како вистински пример објасни за „вратата кон интеграцијата“, во внатрешноста на едно кумановско училиште.

Kako do kvalitetno i inkluzivno obrazovanie Tribina 3

„Во Куманово има училиште кое во внатрешноста има врата која е заклучена, од едната страна учат Македонците, од другата страна учат Албанците. Ние имаме буквално врата која не дели од меѓуетничка интеграција на овие две групи. Што тука може да се направи? Сите ученици имаат право на образование на мајчин јазик, но имаме предмети каде што јазикот не е толку обврзувачки и не е најважниот фактор. На пример имаме часови по спорт, кои учениците може да ги држат заедно, без разлика на нивниот мајчин јазик, уметност, странски јазик…“, завршува таа.

Силвана Кржовска, директорка на средното училиште „Јосип Броз Тито“ од Скопје, критички се осврна на критериумите за оценување и наставните програми, а праша зошто наместо на паметење факти, да ги учат на вештини. Забележа дека проектните активности кои се од голема важност, учениците ги сведуваат на принципот „копи-пејст“.

„Ако еден ученик излезе само со препишана книга од своето средно образование, тогаш немаме здрава, спремна личност, која понатаму би се вклопила во понатамошното образование или па да биде продуктивен член на ова општество“.

Забележа дека апсолутно треба да се ревидираат критериумите за оценување.

Неформалното образование го посочи како многу битен дел од образовниот процес, a jа акцентираше и важноста на предметите за уметноста, екологијата и сексуалното образование.

Василка Стефановска од невладината организација „СлоуФуд“, зборуваше за училишните градини. Понуди проект кој, според неа, може да се реализира во училиштата како проектна активност кој ќе даде резултати.

„Од типот на презентација на проектот, односно правење на градината, воспоставување на градината во училиштата, садење, анализа на семињата, правење на проекти за тоа како треба да изглеа уилишната градина, набљудување како растат. Во една проектна задача, која наместо ‘копи-пејс’ од интернет, можат да ја напишат од сопствено искуство“, вели Стефановска.

Како една од успешните, ја спомена градината во ОУ „Аврам Писевски“ во село Бардовци, која егзистира повеќе од една година. Учениците заедно со волонтерите на „СлоуФуд“ ја граделе градината и избирале семиња.

Мартин Колоски

превземено од: www.radiomof.mk

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета