ohrid kej

Екологистите како најревносни борци за заштита на Охридското крајбрежје предупредуваат дека градот на УНЕСКО може да се најде на црната листа на загрозени подрачја, ако до крајот на јуни државата не ги испорача препораките на светската организација.

Станува збор за дваесетина забелешки што уште во 2017 година мисијата на УНЕСКО ѝ ги препорачала на нашата држава, а кои пред сѐ, беа поттикнати од неконтролираното градење во заштитените подрачја на охридското крајбрежје.

Препораките на УНЕСКО се да запрат градежните работи додека не се направи ревизија на урбанистичките планови, како и проверка на влијанието врз животната средина и природното и културното наследство. И покрај ваквите сериозни предупредувања, како што, велат екологистите, во Охрид се градат повеќе од стотина објекти.

Во контекст на забелешките на УНЕСКО, Маја Морачанин, претседателка на ДОМ, вели дека Владата треба итно да го усвои и Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и да го достави во Собранието, ако сакаме да покажеме дека сме сериозна држава која си го штити своето културно и природно богаство. Тоа треба да се направи во пресрет на сесијата на УНЕСКО која ќе се одржи на крајот на јуни во Баку, Азербејџан. На состанокот во Баку, ќе се разговара токму за тоа што направила државата по забелешките на УНЕСКО за да го заштити Охридскиот регион.

Морачанин за Плусинфо вели дека драфт верзијата на законот е готова, но не знае од кои причини досега не е ставена на владина седница и тоа во период кога нема време за никакво одлагање.

– Охридскиот регион е еден од 28. места на планетата кои се под двојна заштита на УНЕСКО, како светско природно и културно наследство. Забелешките на УНЕСКО се од пред две години и досега требаше да завршиме и со донесувањето на регулативата, и со нејзината имплементација. Не знам од која причина Владата не го усвојува предлог законот – вели Морачанин.

Во новиот Закон, објаснува Морачанин, се вградени препораките на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО од април 2017 година, кои се однесуваат на потребните законски измени.

– Ако во 2019 година не се спроведат приоритетните препораки на УНЕСКО, Охридскиот регион може да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Тоа негативно ќе влијае на заштитата на природното и културното наследство, но и на интересот на туристите и приходите од туризмот – предупредува Морачанин.

Таа додава дека донесувањето на законот е многу важно не само поради претстојната сесија на УНЕСКО во Баку, туку и поради тоа што со него ќе се обезбедат и правни предуслови за ефективно управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и ќе се спречат какви било активности кои негативно влијаат врз природното, но и културното наследство.

Новина во законот е и тоа што со него се дефинираат составот и надлежностите на Советот за Охридскиот регон, како стручно и советодавно тело на Владата, а во рок од шест месеци треба да се донесе Планот за управување со природното и со културното наследство во Охридскиот регион.

– Многу е важно тоа што до донесување на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион времено се прекинуваат постапките за издавање одобрение за градење и постапките за вклопување на бесправно изградени објекти. Исто така, времено се прекинуваат постапките за изработување и донесување, како и постапувањето по донесените урбанистички планови, урбанистичко-плански и урбанистичко-проектни документации – вели Морачанин.

Носењето нов Закон за управување со Охридскиот регион е и еден од заклучоците на собраниската надзорна расправа, одржана од Комисијата за култура, на иницијатива на неформалната група „Пратеници-пријатели на УНЕСКО“, чиј координатор е претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.

Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина, за Плусинфо вели дека на генералниот колегиум кој се одржал пред околу еден месец, а на кој се расправало за предложениот закон, пред тој да се најде на седница на Владата, претставник од Министерството за култура кое е предлагач на законот, забележал, дека за управувањето со Охридскиот регион немало мислење од ИВЗ, поради што била одложена расправата. Тука застанале сите активности. Петковска вели дека мора да се направат напори државата до крајот на следниот месец да одговори на препораките на УНЕСКО, а тоа вклучува и донесување на законот со кој се уредуваат сите болни точки што го уништуваат Охридскиот регион.

Во Министерството за екологија не сакаа да ги коментираат информациите дека министри од ДУИ го кочат планското уредување на охридскиот регион, а со тоа и почитување на препораките на УНЕСКО. Владата вчера не одговори на нашите прашања кога Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе биде ставен на дневен ред и кои се причините што досега овој закон не дошол на ред за владина расправа, наспроти заканите дека Охрид следниот месец може да се најде на црната листа на УНЕСКО.

извор: https://plusinfo.mk/%D0%BF%D0%BE%D1%80%D0%B0%D0%B4%D0%B8-%D0%BA%D0%BE%D1%87%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8-%D0%BE%D0%B4-%D0%B8%D0%B2%D0%B7-%D0%BE%D1%85%D1%80%D0%B8%D0%B4-%D1%9C%D0%B5-%D1%81%D0%B5-%D0%BD%D0%B0%D1%98%D0%B4%D0%B5/?fbclid=IwAR35JIAWJXnVDRSoaHQesgVvvmcERgTaoDHM_oWOW32TxPqURR4y2CPLn-8

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета