LileGovorNa Govornica4KongresSlikaGore

Почитувани гости, драги колеги и пријатели, дами и господа,

Добредојдовте на четвртиот конгрес на ДОМ! Тој е конгрес на континуитет и опстојување со нашите заложби како зелена партија, па затоа одиме со слоганот „Зелени вредности - трајна визија!“

Да, зелените вредности се наша трајна визија кон која веќе 12,5 години се стремиме, свесни дека нашата борба не ретко е борба на Давид со Голијат. Традиционалните големи бизниси се речиси по правило и загадувачи на природата, кои работат со дозвола од политиката. Така, застанувајќи против нив, застануваме и против нечии партиски или лични интереси, што некому може и да не му се допадне! Некому може му заличуваме на дете што мавта со дрвен меч пред ламја, некому на надреалисти, но ако! Нашата сила не е во физичката, ни во финансиската моќ. Нашата сила се нашите идеали, токму зелените вредности за кои веруваме дека вреди борбата и посветеноста!

За среќа, помина времето кога моравме да објаснуваме што се тоа зелени вредности. Низ политичката борба вршевме и едукација на граѓаните, но, без лажна скромност, и на наши колеги од политиката. И има резултати. Еколошката свест на граѓаните денес е високо подигната, а поголем дел од политичарите знаат дека се опасни политичките игри со екологијата!

Но, тешко е да се бориш за еколошка правда во неправна држава, со корумпирани поединци на важни места во институциите. Затоа, покрај заштита на животната средина и зелена економија, дел од зелените вредности се и демократија, човекови права, социјална правда, еднакви можности и недискриминација. Зашто само во отворено, слободно и демократско општество, може да се избориш за севкупно подобрување на квалитетот на живот, преку почитување на природата, зачувување на нејзините ресурси и одржлив развој.

Почитувани присутни, овој конгрес е и последен што го организирам со колегите како претседателка на ДОМ. Некој би спорел за континуитетот. Но јас не го сфаќам така. Ова е природен и логичен тек на работите. На моите партиски колеги им најавив уште од претходниот конгрес, а повторив не еднаш во меѓувреме, дека ова ќе биде мој трет и последен мандат на таа позиција. Да не беше бурната политичка криза и нашето излегување од тогашната коалиција, ќе заминев уште тогаш.

Денеска тоа можам да го направам, без грижа, со сета одговорност и љубов кон партијата што и самата сум ја иницирала. Зашто, денеска ДОМ е стабилна партија со јасно профилирана зелена опција, полноправна членка на Европските Зелени. Заокружен е еден цел циклус од иницијатива, преку изградба на структура и идеолошко профилирање, се до меѓународно вмрежување. ДОМ има изградено одлични кадри, искрено посветени на зелената идеологија, кои низ демократска процедура ќе изберат ново раководство, спремно да се носи со сите предизвици.

Со членството во Европските Зелени, ДОМ успеа дел од нашето општество да го внесе во Европа. Ова е големо признание и придобивка и за партијата и за Македонија. Европските Зелени се наши сојузници во многу битки во македонската политика со своето знаење и искуство, во изработката на закони, кампањи, едукација на советници и други функционери. Тие ни беа, заедно со балканските зелени и со над 40 граѓански организации од Македонија, главната потпора во борбата против опасните рудници и во оваа прилика на сите им се заблагодаруваме!

Почитувани, горда сум што заедно со други идеалисти ја збогативме македонската политичка сцена со еден автентичен политички субјект со зелена идеологија. Горда сум што тој успеа да опстане на трусното тло на македонската политика и да изврши сериозно влијание зелените политики да влезат во изборни и владини програми на големите играчи. Сепак, треба да се каже дека зелените политики буџетски сеуште се при крајот на приоритетите и ќе има уште многу битки за биење и освестување.

Јас, како човек и граѓанин, ќе ја продолжам мојата лична борба за зелените вредности како активист за добри работи во кои верувам, што сум била со децении наназад. И се разбира, останувам член и гласач на ДОМ, зашто зелената рака, логото на овој конгрес - тоа сум јас, тоа е секој од нас, зелените! Тоа е нашиот заеднички отпечаток и лична карта!

Драги пријатели, спокојна сум за ДОМ, тој е стабилен и си го знае патот! Но загрижена сум за Македонија, за нејзиниот демократски и институционален капацитет, за растурената граѓанска кохезија, но и за исходот од овие изнудени политички потези, како услов за нашите евроатлантски интеграции. Тие се тешки за разбирање, а уште потешки за прифаќање.

Деновиве се сетив за почетоците на ДОМ во 2006-та, за причините на неговото настанување како нов субјект во тогашната опозиција и за името на партијата. Еве како зборувавме тогаш:

„Зошто Демократска обнова на Македонија? Затоа што на Република Македонија и треба ОБНОВА - МАТЕРИЈАЛНА И ДУХОВНА. За да застане на нозе, да се исправи и да крене глава. Институциите не функционираат, владее неправо и неправда. Сево ова не уназадува и не оддалечува од евроатлантските интеграции.

Зошто граѓанска опција? Зашто Македонија може да успее само како ДОМ НА СИТЕ.

Што сакаме да смениме во политиката? Да ја внесеме слободата како основен принцип и ПРАВОТО НА РАЗЛИЧНОСТ во мислата, говорот и дејствувањето. Затоа што ни треба конструктивен пристап, толеранција, аргументирана расправа и почитување на мислењето на другиот.“

LiljanaPopovskaCetvrtiKongresGovornica

Каде сме денес, 12,5 години подоцна? Дали ни е потребна и натаму демократска обнова на општеството? Да, секако, никогаш нема доволно демократија. Нашиот слоган ДОМ ЗА СИТЕ, сега е трансформиран во ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ, но сеуште сме во процес на градење. Дали се почитува ПРАВОТО НА РАЗЛИЧНОСТ во мислата и говорот? Имаме ли задоволителна политичка комуникација? Дали може да имаш различен став од мнозинството во својата партија, во коалицијата, во јавноста? Тоа сеуште тешко оди. Сеуште сме сведоци на казнување за различен став како и порано, со исклучување, со негативна кампања или говор на омраза.

Сепак, ако се запрашаме дали сме се помрднале од она место кај што сме биле пред повеќе од деценија? Одговорот е ДА, и тоа многу, а во тоа предничат самите граѓани. Но сега прагот на толеранција кај граѓаните е далеку понизок и се создава бура при секој сомнеж за незаконско работење или злоупотреба на функција. Се создава и вистинско критички настроено јавно мислење, кое врши позитивна корективна улога во македонското општество.

Во контекст на прашањето за демократичноста кај нас, ќе потсетам на нашите долгогодишни барања како партија за промена на Изборниот законик во една изборна единица без праг, со отворени листи и еднаков број жени и мажи на нив. Веруваме дека таков модел ќе направи демократска револуција во земјава и ќе има поголема плуралност и во Парламентот и во Владата и во општеството во целост. Ова ќе значи и можност за демократизација на коалициите, каде сите партнери ќе добијат соодветен третман и почитување.

Почитувани присутни, ДОМ ќе продолжи да дејствува и во овие сложени политички прилики, воден од зелените вредности кои се наша трајна визија. Понекогаш разбран и широко поддржан за некоја добра идеја, понекогаш не. Не е лесно да си во политичкиот центар, па уште зелен, во услови на жестока поларизација. Но ДОМ е решен да продолжи со своето мирољубиво, ама упорно делување на своите теми од зелената програма, отворен за соработка со секој субјект и поединец што споделува ист интерес и размисла.

ДОМ има јасна цел. Се стремиме кон зелена Македонија, европска Македонија, Македонија - наш дом, дом за сите. И лесно е кога како политичар имаш добри понуди, па избираш која е подобра. Но најтешко е кога мора да избереш што е помалку лошо. Граѓанинот не мора да избира, не мора да излезе ни на гласање, ни на референдум, ако не му се допаѓа понуденото. Ама политичарот мора да преземе чекори, за кои се надева дека ќе донесат добро за земјата во иднина. Само времето ќе покаже дали бил во право или не.

Како внатрешна човечка потреба да ги споменеме нашите пријатели и колеги, зашто не поминува тагата и болката што не се веќе со нас, нека остане забележано и следново:

Во изминатиов четиригодишен период заминаа засекогаш неколку наши истакнати членови и поддржувачи на зелената идеја на ДОМ: решителниот портпарол и еден од столбовите на нашата зелена идеологија - Тони Ристов; нашиот добар дух и основоположник на алтернативниот туризам во Македонија - Насер Наско Хот; силниот и ведар борец против дискриминација, претседателката на МОДОМ - Марија Михајловска; и почитуваниот професор и претседател на Советот на интелектуалците, како независен поддржувач на ДОМ во нејзините почетни години - Димитар Мирчев.

Со почит и благодарност, нека им е вечна слава!

На крајот, голема благодарност до моето семејство, кое заедно со мене ги поминуваше и убавите и тешките моменти на ДОМ! Гиго, Никола, фала Ви!

Од срце им се заблагодарувам на сите членови, симпатизери и соработници на ДОМ за споделувањето заеднички вредности, пријателство и работа, од првиот момент до сега. Сите постигнати резултати се заеднички, а грешките се пред се мои, како прв човек и најодговорен меѓу Вас. Ми беше чест и задоволство да го водам ДОМ. Знам дека е одржлива структура, отпорна на ветрови и ќе продолжи да плови сигурно, кон нови и поголеми успеси, зашто времето за разбирање на зелените вредности допрва доаѓа! Европските успеси ќе се повторат и во Македонија! Нека и е со среќа и на кандидатката за нова претседателка на ДОМ, се надевам дека ќе биде избрана!

Да живее ДОМ! Да живее Македонија!

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин 

Социјални медиуми

Анкета