Фотографија Рудник

ДОМ, како зелена партија, чувствува обврска да упати јавна порака до учесниците на форумот за рударство што деновиве се одржува во Скопје, дека Македонија е премногу мала за нивните големи амбиции и нема простор за нови рудници! Зашто, застрашувачки е фактот дека во последниве 25 години имало над 30 еколошки катастрофи во светот, само од лужење со цијаниди во површински рудници!

Не можеме да се радуваме на најавата на големиот приватен труст од светската рударска индустрија, дека Македонија е ветеното Елдорадо, земја кај што секој може слободно да си дојде и да си собира злато и други природни минерални ресурси. Не е за радост што токму нашата земја е во нивниот фокус, заедно со земјите од Балкан, Кавказ и Централна Азија! Очигледно ги нема земјите од развиената и еколошки строго уредена Европа. Ние не сакаме да бидеме експериментална земја на нивните, наводно, „нови“, „циркуларни“ и „одржливи“ технологии! Да не се лажеме, рударството било и останува дејност во графата на ТЕШКА И ЗАГАДУВАЧКА ИНДУСТРИЈА.

Вкупно, 10.000 км квадратни од 25.000, колку што изнесува целата површина на нашата убава земја, или 40% од површината, би била изложена на разорување со површински копови и загадување на водите, воздухот и почвата од евентуални нови рудници! Македонија ги нема широките степи, пустински и други ненаселени предели на Узбекистан, Индонезија, Гана, Канада, Перу, Јужна Африка, Русија, САД, Австралија, Кина и Бразил, кои се и најголемите производители на злато, според достапната литература.

Источниот и југоисточниот дел од Република Македонија, каде што се насочени интересите на големите рударски бизниси и каде што се наоѓаат повеќе од 80 концесии за геолошки истражувања кои се во тек, е подрачје со плодни полиња за земјоделски производи и планински предели со езера и природни убавини погодни за туризам.

Македонските граѓани во изминативе две години поминаа низ процес на осознавање за технолошките операции во рударството и еколошко зреење дека не сакаат отрови во својот двор! Затоа се дигнаа на нозе стотици илјади граѓани и се одржаа 6 референдуми против отворање нови рудници.

Во Собранието чекаат да бидат донесени измените на Законот за минерални суровини, со кои ќе се забрани лужење или флотација со сулфурна киселина или цијаниди во површински рудници со отворен коп. Законот е поднесен од 11 пратеници со различна политичка ориентација и од независни пратеници, а поддржан од над 40 граѓански здруженија за чиста животна средина. Го следиме примерот на земјите каде веќе има вакви забрани, како Германија, Чешка, Унгарија, Турција, Аргентина, држави во САД, Коста Рика, Јужна Кореа, Еквадор и на редица други, каде се во тек борби слични на нашава.

Поради сево ова, ги замолуваме моќните бизниси од рударството да ја заобиколат Македонија и да не остават да си ја исчистиме земјата од старите еколошки загадувања, кои, по правило, се најголеми во местата каде што имало, или има рудници. И овие податоци се земени од научни студии на ценети научни истражувачи.

Дополнително, упатуваме да размислат на ВИСТИНСКИ циркуларни и одржливи технологии на извлекување на минерални ресурси од она што сега претставува отпад, како некои нивни колеги од рударството, кои „ископувањето“ злато го вршат од електронски отпад и имаат 50 пати поголем принос на единица тежина, отколку при ископот од земјата.

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин 

Социјални медиуми

Анкета