za urbanizam

Денеска се одржа јавна дебата на тема „Како да се зазелени урбанизмот?“ во организација на Зелениот институт и ДОМ, а со поддршка на Биро де Хелинг од Холандија, во Галеријата КO-РА во Домот на градежници. Модератор и воведничар беше Маја Морачанин, пратеничка од ДОМ, а воведно обраќање имаше и Наташа Амдиу, претседателка на Зелениот институт.

Повеќе советници од скопските општини и граѓански активисти дискутираа за жешките прашања во урбанизмот, кој го узурпира и дехуманизира просторот, наместо да обезбедува функционални решенија и квалитетно живеење. Се бараше одговор на актуелните прашања:

1) Како да заживее Законот за урбано зеленило, донесен во јануари 2018, со одредбите за најмалку 20% зеленило на градежна парцела?

2) Низ која правна процедура да се направи ревизија на штетните ДУП-ови?

Претседателката на советот во општина Центар, Јана Белчева Андреевска, говореше за наследените состојби на немање стратегија за зелен раст на општината, недостаток на податоци за моменталната ситуација и за реалните потреби на граѓаните, кои би служеле како влезни податоциза планирање.Сите ДУП-ови се без стратегиска оцена на влијание врз животната средина заради донесените одлуки за неспроведување на истата. Во изминатите месеци според предизборните ветувања се спроведува квалитативна евалуација на ДУП-овите и се идентификуваат конфликтите за нивна реализација. Досегашните анализи покажуват од 0-10% зеленило на ниво на плановите.

За затекнатите состојби со урбанизмот во општина Карпош говореше Александар Анѓушев, советник во општина Карпош, кој ги образложи преставките до Уставен суд поднесени од граѓанските организации, писмените дописи од општината како поддршка и доказ, како и јавната кампања за да го поттикне судот да ги земе на разгледување преставките, со очекување тоа да биде основа за поништување на штетните ДУП-ови.

За позитивните искуства од општина Ѓорче Петров говореше Бојан Петровски, советник во општина Ѓорче Петров, каде се врши професионална аналитика на документација на ДУП-овите во населбата Хром врз основа на ускладеност со постоечката инфраструктура и еколошките услови.

Д-р Христина Оџаклиеска, советничка во општина Кисела Вода ,од Агенцијата за просторно планирање, ги објасни правните основи за да се спречи реализација на штетни ДУП-ови, кои се спротивни со еколошките одредби од ГУП-от.

Ана Петровска, инж. архитект и екологист, го претстави концептот на “зелен урбанизам“ , како и концептот на кровни градини со сончеви панели и ветерници за поздраво и поквалитетно живеење.

По обемна дискусија, во која учествуваа претставници од граѓански организации, политички партии и институции, беа донесени следниве ЗАКЛУЧОЦИ:

1. Итно вградување на одредбите од Законот за урбано зеленило во Законот за просторно и урбанистичко планирање и во Законот за градење, со нормативи за 20% зеленило на градежна парцела и 25 м2 по жител на ниво на град.

2. Ревизија на донесените штетни ДУП-ови, кои отстапуваат од еколошките одредби во ГУП-от или кои се донесени во незаконска процедура, по што следи носење на равидирани ДУП-ови, со стандарди за хумано и квалитетно живеење.

3. Строга заштита на урбаното зеленило според одредбите од Законот за урбано зеленило и преземање акции за негово зголемување.

4. Примена на современи начини на градење и поставување изолација и кровни градини со сончеви панели и ветерници, заради зголемување на зелената маса и обезбедување топлинска и електрична енергија, што ќе биде овозможено со новиот Закон за енергетика.

5. Измена на законска регулатива со внесување задолжителна стратешка оцена за влијанието врз животната средина при носењето на ДУП-ови;

6. Задолжително објавување на општинската вебстрана на ДУП-овите во сите фази од донесувањето, заедно со одговорите на анкетните ливчиња;

7. Измена на законската регулатива за да се овозможи Советот да донесе одлука за укинување на ДУП.

8. Да се промени начинот на финансирање на општините за да не зависат во голема мерка од комуналиите;

 

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин 

Социјални медиуми

Анкета