lile 1 1

- Измената и дополната на Законот за минерални суровини ја предлагаат 11 пратеници со различна политичка ориентација: Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Мери Лазарова, Кети Смилевска, Диме Велковски и Сашо Атанасов од СДСМ, Горан Милевски од ЛДП, како и независните пратеници - Ивана Туфегиќ, Ирена Стефоска, Павле Богоевски и Ферид Мухиќ.

- Текстот беше подготвен од мене и колешката Морачанин, јавно најавен на прес-конф. и пратен до сите пратенички групи и пратеници во Собранието по мејл, заради мислење и поддршка. Беше претставен и пред граѓанските активисти што се дел од неформалната работна група при Владата по прашањето за рудниците и беа прифатени некои нивни сугестии. Во процесот имавме и комуникација со Министерството за економија, на различни нивоа, при што сугерираа да се допрецизираат некои одредби, што е за нас прифатливо. Текстот на законот е во духот на програмските определби и јавни изјави на повеќе политички партии кои се дел од владината коалиција. Користени се стручни анализи од областа на животната средина и правото, од Република Македонија и од Европската Унија.

- Измената и дополната на Законот за минерални суровини се предлага заради долгорочна заштита на животната средина и здравјето на населението кое живее во близина на наоѓалишта на минерални суровини и рудници и за да се спречи примена на технологии што користат опасни супстанци. Со оглед на димензиите на нашата земја, како и на фактот дека еко-системот е една целина, опасноста им се заканува на сите граѓани на Република Македонија, но и на поширокиот регион, трансгранично.

Непосреден повод за предложениот закон се издадените концесии за површински копови за рудници за бакар и злато - Казандол во Валандово и Иловица во Босилово, кои во своите постапки користат сулфурна киселина, односно цијаниден раствор во огромни количества. Знаејќи ја опасноста по живиот свет од овие хемикалии, последниве две години се дигна бран протести низ целата земја, а се организираа и референдуми за стопирање на рудниците во шест општини.

Но потенцијална опасност постои од уште 80-ина веќе издадени концесии за геолошки истражувања, според она што е достапно како информација, по чие завршување може да се очекуваат исто толку барања за добивање концесија за експлоатација на минерални суровини. Знаејќи дека истражувањата се однесуваат главно за сиромашни руди на злато, сребро и бакар, многу е веројатно да се претпостави дека сите тие ќе предложат најевтини и најопасни техники и технологии за нивна експлоатација. Тоа би значело дека околу 10.000 километри квадратни од нашата земја, која целата изнесува 25.000 километри квадратни, ќе се разори од површински копови кои целосно го менуваат изгледот на земјиштето и ги загадуваат водите, воздухот и почвата. Да потсетиме, најголем дел од населението во тој регион живее од земјоделие и туризам, кои би биле уништени за неколку стотици работни места во рудниците, за 2% профит за општините и 98% профит за концесионерите.

- Од моментот на ставање на Законот на дневен ред во Собранието, се создаде лавина од реакции од секторот рударство, со полуинформации и дезинформации. Да ги разјасниме:

1) Зошто закон по скратена постапка? Затоа што се состои од само 7 члена со едноставни формулации, сосе одредбата за објавувањето во Службен весник. И затоа што работата е итна - секој момент ќе започнат да стигнуваат барања за добивање концесии за отворање рудници од оние 86 концесионери за геолошки истражувања. Со оглед на нараснатата свест кај граѓаните и јавно изразениот став на градоначалниците од овој регион, тоа би значело нови бранувања и референдуми, како и нови главоболки за Владата, која веќе ги има со претходните 2 концесии во Казандол и Иловица, што ги наследи.

2) За кого се однесува законот? Законот НЕ ги засега сегашните рудници што веќе имаат добиено концесии и работат под надзор на органите за заштита на жив.та средина. Тој ќе се однесува на идните 86 барања за добивање концесии, за да не ја изриеме цела источна Македонија, па да има рудник на секои 10 км. Тоа би било погубно за земјоделието и туризмот, но и за здравјето на граѓаните.

Не ја разбирам возбудата кај првите луѓе на сегашните 4 рудници за метали, па се прашувам што е причината за нивната возбуда.

3) Зошто се плашиме од цијаниди и сулфурна киселина, кога тие се употребуваат во различни индустрии? Затоа што овде не станува збор за нивна употреба во лабораторија или во затворени реактори. Овие хемикалии во рударството се употребуваат во огромни количества, на отворено и на опасен начин, кој не може целосно да се исконтролира и носи огромен ризик по животот на целиот жив свет во околината. Се работи за цели базени и езера кои остануваат како закана за водите, почвата и воздухот.

Само во последниве 25 години има над 30 еколошки катастрофи во светот, предизвикани од лужење со цијанид! Една од нив беше и онаа во Баја Маре, Романија, во 2000, по која во ЕУ се крена алармот, па во 2006 беше донесена нова директива за постапување со цијаниди, која го минимизира присуството на цијанид во отпадните води до максимум 10 ппм! (1 ппм = 1,12 мгр/м3) Но, бидејќи и тоа тешко се контролира, па продолжија хавариите, зелените во Евр.от парламент предложија резолуции во 2010 и во 2017 со препорака за забрана на цијаниди во рударството. Вторава беше изгласана со над 95% поддршка од сите политички партии. Евр.та комисија досега нема донесено 1 закон за општа забрана, туку е оставено секоја земја да го спроведува според своја регулатива. Во Германија, Чешка, Унгарија се веќе изгласани вакви забрани, исто како и во Турција, Аргентина, 2 држави во САД, Коста Рика, Ј. Кореа, Еквадор, са во многу земји се водат битки, слични на нашава во Македонија.

Борбата за ревизија на рударските техники се води токму поради се поголемиот број површински копови за злато, сребро и бакар, од сиромашни руди, зашто богатите руди се во голем дел исцрпени. Штетите се видливи и во масовни размери, па расте бројот на луѓе низ светот кои лично ги осетиле последиците од работење во вакви рудници или од живеење во нивна близина. Најголемо производство на злато, на пр., има во земји со големи пусти предели, без населени места во непосредна близина (Узбекистан, Индонезија, Гана, Канада, Перу, Ј. Африка, Русија, САД, Австралија, Кина, Бразил).

Апсурдно е да се тврди дека цијанидот не е отровен. Медицинската литература вели дека човек од 72 кгр умира од примање на 0,36 гр К-цијанид со 50% сигурност, а со мало зголемување на дозата на 0,55 гр К-цијанид, со 90% сигурност! Затоа што отровот ги спречува клетките да го употребат кислородот и тие умираат. Најосетливи органи се срцето, дишните патишта и централниот нервен систем.

Слично е и со сулфурната киселина, која е опасна и како течност и кога испарува. Апсурдно е да се тврди дека е безопасна. Ако некој успее да одгледува домати и пиперки со вадење со сулфурна кис., нека го заштити тоа како патент. Може и Нобелова награда да добие!

4) Тврдење дека нема алтернатива за производство на злато! Не е точно, постојат главно три типа постапки - лужење, флотација, гравитациона сепарација. Ова е според литература, зашто јас не сум рударски инженер, ни металург, но сум инж. технолог и м-р по технички науки, па можам да прочитам. Дополнително, екологистите низ светот предлагаат наместо уништување на природата, да се рециклира електронски отпад, од кој може да се добие 50 пати повеќе злато на единица тежина отколку од нашиве сиромашни руди! Има примери на рударски компании кои дел од производството го посветија на овие процедури, кои се, патем, и многу поевтини и сосем безопасни! Една белгиска фирма од рударскиот сектор, „Умикор“, дури и целосно се посвети на ваков начин на добивање злато, па дури и го зголеми производството! Друга, шведска фирма, „Болиден“, веќе две третини од златото го добива на истиот начин!

5) Каква перспектива ќе имаат жителите на источна Мак. без нови рудници? Светла и среќна, со поддршка на Владата и влез на инвеститори во земјоделскиот и туристичкиот сектор, во лесна индустрија и во паметни технологии. Севкупно, во инвестиции на зелена економија. Владата дава силна поддршка за ветерни и сончеви паркови, мали хидроцентрали, органско производство. Но сето тоа бара чиста и незагадена животна средина. Сметам дека треба да го смениме концептот за економски развој. Од безмилосно искористување на природата, да преминеме кон нејзина заштита и одржлив економски развој, со чисти технологии и рециклирање, зашто вака ќе се самоуништиме.

Апсурдно е да се тврди дека нови 86 рудници, или колку и да бидат, се светлата перспектива, кога од вкупно 16 жешки еколошки точки во Македонија од стари индустриски загадувања, дури 5 се рудници (Злетово, Саса, Бучим, Тораница, Лојане). Само Бучим има преземено одредени мерки за третман на рудничкиот отпад. А за Лојане, проф.от Аслан Селмани вели: Имаме еколошки геноцид од арсен и антимон во Лијане и Ваксинце! А и Лојане е опфатен во планот за нови рудници!

Треба да се знае дека дел од концесиите за геолошки истражувања се наоѓаат во првата заштитена зона на водотеци, а дел во граници на природно наследство! Може ли некој да си замисли дека некој инвеститор во САД би добил концесија за рудник во националниот парк Јелоустоун? Дали е случајно што Швајцарија и Австрија го имаат сведено металичното ископување речиси на нула од еколошки и економски причини истовремено, зашто многу повеќе заработуваат од туризам и производство на храна?

Чудно е како може и да се помислува тие да се загрозат.

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин 

Социјални медиуми

Анкета