DOM zname

Младинската организација на ДОМ (МОДОМ) му предлага на Министерството за образование и наука да се заложи и да помогне во основањето Центри за академско пишување во рамки на  државните универзитети во Македонија. Ние сметаме дека со основањето вакви Центри какви што постојат на голем број универзитети во Европа и САД, значително ќе се зголемат академските компетенции на студентите и ќе им се помогне директно во текот на нивното студирање.

Оваа потреба произлегува имајќи го предвид фактот дека со воведување на Болоњскиот систем, пред студентите и академскиот кадар се поставени задачи кои во голем дел предвидуваат чести и обемни практики на пишување трудови од најразличен тип. Досегашните резултати покажуваат дека немањето знаења и вештини за пишување квалитетни академски трудови, директно се рефлектира врз успехот и истражувачкиот односно професионален развој на студентите.

Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме е плагијаторството кое во голем дел е резултат на немањето механизми во високото образование кои ќе го намалат и спречат. Треба да бидеме свесни дека овој недостаток не може да се реши со проверка на трудовите преку системот за откривање плагијати кој го воведе МОН, зашто на овој начин само се детектира проблемот, но не се решава. За негово решавање е потребен систем кој ќе обезбеди знаења. Центрите за академско пишување се одличен начин да се подобрат состојбите во овој правец.

МОДОМ верува дека овој предлог нуди образовна одржливост и се надева дека истиот ќе наиде на конструктивен и сериозен пристап од страна на Министерството за образование и наука.

Пресот го држеше

 м-р Томислав Каранфиловски, културолог

Член на И.О на МОДОМ