DOM zname

ДОМ изразува големо разочарување по веста за одбивањето на општините од Југо-источниот регион да го потпишат договорот со најдобриот австриски понудувач во постапката за доделување концесија за управување со отпадот и изградба на депонијата. Ова се случува по тригодишен транспарентен процес на преговори помеѓу 10 општини, неколку министерства и понудувачот избран на меѓународен оглас.

Жално е што трите години на јавниот процес за добивање на првата депонија во Македонија се претворија во бирократско вртење во круг без разрешница. Ова покажува дека управувањето со отпад во земјава  е жртва на локални игри и интереси. Ако им била потребна владина поддршка за решавање на старите диви депонии, за да дојдат до пониска цена за ѓубрарина, требало тоа да го кажат на почетокот и да издејствуваат грантови кои постојат за таа намена, а не да го пролонгираат процесот во стилот сакам-неќам.

ДОМ го смета за несериозно ваквото однесување на општините од Југо-источниот регион, подеднакво како и она на Полошкиот регион, каде исто така се поништи објавениот оглас за депонија. Недоволно сериозни се по ова прашање и сите оние  општини, кои не си ја вршат прописно законската обврска за собирање отпад и складирање на соодветно место, со што директно го загрозуваат здравјето на своите граѓани.

Сликовит пример е општина Сарај, чие јавно комунално претпријатие нема скоро никаква наплата за ѓубрарина, па наместо да го собира и носи отпадот во Дрисла, го остава надвор од селата, најчесто во коритото на Вардар и во околината на Рашче, од каде цело Скопје пие вода. На крајот, товарот паѓа врз Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски, кој вади врели костени од оган, завршувајќи ја туѓата работа.

ДОМ јавно ги повикува сите општини максимално сериозно и одговорно да му пријдат на проблемот со управување со отпад, зашто првото и најголемо загадување во Македонија е отпадот! Тој е и извор на безброј болести, но и грда слика за нашата убава земја. Истовремено, ДОМ и предлага на Владата да ја преиспита распределбата на Буџетот за општините, зашто тие сега, во оваа фаза на децентрализација, имаат многу поголеми надлежности, а многу мала буџетска поддршка. Решавањето на отпадот не смее да се остави само врз слабите плеќи на општините, зашто за здравје се работи, здравјето е јавен интерес и во него треба да се инвестира!