lile seminar mavrovo

Во последниот извештај од Европската комисија значителен простор е посветен на делот за напредокот на Македонија на планот на животната средина. Всушност, најголем досега, што го потврдува ставот дека за првпат една Влада посветува толку внимание на оваа тема. Но, кога ќе се спомне екологија и животна средина, просечниот наш Македонец веднаш помислува на метли, ќеси, канти и на други орудија за чистење. Сликата се дополнува со мали групи составени претежно од жени, младинци и од комуналци во портокалови униформи, како активисти во локална акција. Ако, тоа не е лошо ни погрешно. И тоа е дел од грижата за животната средина. Но, постои и друга страна, многу малку позната кај нас. Екологијата е и економска приказна, која зборува за зелена енергија, за зелени работни места.

 Во таа приказна, Македонија изгледа вака: на покривите на домовите се поставени сончеви колектори кои обезбедуваат топла вода за лична хигиена, за затоплување на домовите, шталите и на оранжериите. Вишокот електрична енергија се продава на оператор. Така, граѓаните, освен што заштедувааат, и заработуваат од сопствената инсталација. Истово го има и на јавните објекти, на национално и на локално ниво. Понатаму, во селата отпадот од растенијата и животните (биомасата) се носи во посебна постројка, која биомасата ја претвора во електрична или во топлинска енергија за домовите, фармите и за оранжериите, а вишокот повторно се продава на операторот. Или, користење на извори на топла вода со лековити својства. Одлична основа за развој на туризмот, со бањи, хотели, приватни пансиони, спортски терени, ресторани со традиционална македонска храна. Се служи здрава храна произведена во близина, а енергијата за нејзино производство се обезбедува од геотермалните води. Ова е визија за балансиран развој, која се базира на рационално и одговорно користење на сето она што го дарила природата. Така се создаваат зелените работни места. Тоа се вработувања во капацитети што произведуваат, дистрибуираат и трошат т.н. зелена енергија, или енергија од обновливи извори. За такви се сметаат: водата, сонцето, ветерот, биомасата и геотермалните води. Освен за водата, која е само делумно искористена, за другиве одвај нешто да се знае. Македонија има висок потенцијал на обновливи извори на енергија. Со околу 220 сончеви денови и 1.385 киловат-часови на еден квадратен метар сончева радијација на годишно ниво, може да произведува соларна енергија. Од биомасата може да се произведува електрична енергија и соодветно да се управува со отпадот. Имаме седум геотермални полиња со 18 локалитети и околу 50 ископувања од каде извира геотермалната вода. Средната температура е 59,77 Целзиусови степени. Бањскиот туризам во Катланово, Дебар, Негорци, Струмица, Куманово, Кочани и во Штип е уште една основа за креирање зелени работни места во производството и во услугите. За ветерот потенцијалите се најголеми во Источна и во Југоисточна Македонија. Откако добивме кандидатски статус за членство во Европската унија, се придруживме кон стандардите за задолжителна употреба на 20 проценти од обновливи извори на енергија во вкупното енергетско производство до 2020 година. Правната рамка за ова е поставена со Законот за енергетика. Членот 74 овозможува и да се заработува со продажба на произведената енергија од обновливите извори на операторот. Со ова Македонија ги отвори вратите за искористување на овие потенцијали. За да се создадат нови зелени работни места, потребен ни е поинаков начин на размислување, организирање и на работење во функција на одржливиот развој на Македонија. Потребна е, пред се, интензивна кампања за едукација и за јакнење на свеста на граѓаните, размена на искуства со други земји, но и политичка волја и поддршка од локално до централно ниво. Ова, секако, бара и обезбедување одредени погодности за сите домашни и странски инвеститори. Сево ова веќе постои и функционира во развиениот свет. Глобалната економска криза во светот покажува дека досегашните економски политики стануваат неодржливи. Субвенциите и европските фондови го стимулираат одржливиот развој и зелените работни места. Така во Германија се вработени повеќе од 214.000 лица во секторот енергетика. Индустријата за обновливи извори на енергија во Шпанија вработува повеќе од 100.000 луѓе, а во Калифорнија во 70-тите години на минатиот век беа креирани милиони работни места. Значи, паралелно со чистењето и со одржувањето на животната средина, на Македонија и треба и економската зелена приказна. Зашто тоа ќе влијае на повеќе сектори: ќе се намали невработеноста, ќе се намалат и штетните гасови, ќе се обезбеди електрична енергија, а ќе биде гаранција за инвестиции на долг рок и можност за технолошки иновации и отворање широк спектар нови бизниси. За мене оваа зелена приказна е цел што може да се достигне. Ај, да видиме дали може веќе во идниот европски извештај да не оценуваат и за ова!

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr