Zhurnal_Toni_Ristov

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Во Република Македонија, терминот „Зелена економија“  е сеуште непознат и за пошироката македонска јавност воопшто неразбирлив, а пак уште повеќе не се согледува нејзиното значење за економскиот развој на Македонија, која од своја страна и онака е сиромашна со природни ресурси и потребно е многу внимателно и одржливо управување.

„Зелената економија“ зема се поголем замав во економскиот развој на државите. Во светски најмоќните индустриски развиени земји како САД, Кина, Германија, Франција, Шведска, Јужна Кореја по минатогодишната економска криза беа изготвени инвестициони програми за заздравување на економијата, а голем процент од тие финансиски средства отпаѓа токму на инвестиции во зелената економија. 

Поточно во САД од 751,4 милијарди долари, 86,6 милијарди долари се инвестиции во зелената економија (11,5%) ; Кина 453,1 милијарди долари (171,1 односно 37,8%); Јапонија 375,6 милијарди долари (9,6 односно 2,6%); Германија 81 милијарди долари (10,7 односно 13,2%); Италија 80 милијарди долари (1 односно 1,3%), Јужна Кореја 29,5 милијарди долари (23,7 односно 80%) итн.

Пред нас се поставува прашањето што е Зелена економија? 

 Зелената економија е нов модел на економски развој, кој нуди одржливост, за разлика од постоечкиот – догорочно неодржлив – економски концепт на неразумно исцрпување на природните ресурси и неразумна потрошувачка на произведените добра, односно нуди економски развој со кој се задоволуваат потребите на сегашните генерации без да се загрозат потребите на идните генерации, а притоа да се овозможи социјален и економски напредок и на поединецот и на општествата во целина. Всушност зелената економија ја хармонизира меѓузависноста на човекот и природата.

Во Република Македонија, терминот „Зелена економија“  е сеуште непознат и за пошироката македонска јавност воопшто неразбирлив, а пак уште повеќе не се согледува нејзиното значење за економскиот развој на Македонија, која од своја страна и онака е сиромашна со природни ресурси и потребно е многу внимателно и одржливо управување. 

 Препораките од ЕУ и Светските финансиски институции, како на пример Светската банка се дека без создавање услови за  развој на зелена економија, Македонија се повеќе ќе заостанува во современите економски и социјални текови.

Но што опфаќа зелената економија? Пред се таа е фокусирана на неколку стопански гранки: енергетика (посебно обновливи извори на енергија и развој на smart енергетска мрежа), земјоделство (производство на органска храна) и заштита на почвата, заштита и управување со водите и водните ресурси; шумарство; транспорт; градежништво и туризам.  

 Кога подобро ќе ги погледнеме гранките сепак ќе видиме дека токму овие стопански гранки отвараат еден поширок спектар, во кој се вклучени многу сегменти почнувајќи од производството на материјалите, образовниот систем, научно-истражувачката работа, дистрибутивната мрежа итн.

За Македонија да започне со развојот на својата зелена економија, покрај веќе постоечките напори и настојувања на бизнис секторот, потребна е и силна политичка волја и финансиска поткрепа која се разбира треба да ги обезбедат институциите на системот.

Во изминативе неколку години се преземаа неколку мерки, кои како така размрдаа одредени сегменти (субвенциите за поставување сончеви колектори, со законот за енергетика се овозможи производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и добивање статус на повластен производител на електрична енергија – во секторот енергетика; субвенциите во земјоделството), но тоа е само „капка во морето“. 

 Сепак мора да се размисли за долгорочна стратегија и воспоставување на специјален финансиски механизам (од државата и од банките) за поддршка не само на бизнис секторот особено на малите и средните претпријатија, туку и на граѓаните со дообуки, преквалификации, промени во образовниот систем кои ќе се однесуваат на стручната подготовка, промената на потрошувачките навики итн.

Зелената економија не е фикција, таа е реална. Нуди поздрава животна средина, подобар квалитет на живот, нови работни места. На крај само како пример: Македонија, во Европа е една од земјите со најдобри можности за искористување на обновливите извори на енергија особено на сончевата енергија. Замислете си само доколку се обезбеди финансики механизам, со кој секој дом (приближно 600.000 домаќинства) во Македонија би можел да инсталира сончев колектор за добивање топла санитарна вода, колку рабони места ќе се отворат за инсталатери на сончеви кровови, колку за нивно производство, колку за поставување на инсталацијата, колку за производство на бојлери, колку енергија ќе заштеди секое домаќинство, колку пари нема да бидат дадени за увоз на скапата електрична енергија?

Или пак, сите ние знаеме дека Македонија претставува крстосница на цивилизациите. Земја во која културире, традициите, но и природните реткости се распрскани низ секое најскриено катче, а сето тоа претставува можност за развој на туризмот. Тоа значи отварање на нови или преадаптирање на веќе постоечките објекти за туристичка дејност (ресторани, мотели, приватни апартмани), за вкусување на локалните специјалитети, за прошетки низ патеките на историјата, за уживање во природните реткости пеш или со велосипед со фотоапаратот во рака. Странците тоа го сакаат, некој сето тоа треба да го обезбеди да им зготви, да им биде водич, да им постели (приближно 10 000 нови работни места), а сето тоа чини.

Ете го развојот на зелената економија. Ете ги новите зелени работни места. На сите нам ни преостанува да  обезбедиме механизми за реализација. Не само за нас, туку и за нашите деца и внуци.

Врска до колумната: http://www.zurnal.mk/content.asp?id=1591095413

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr