liljana slika

Јасно е како опозицијата го блокира Буџетот, видливи се потезите и механизмите што ги употребува во собраниските расправи, но не е јасна математиката со која влегува во ова. Толку многу инженери, а слаби математичари.

Македонија е во нова политичка криза, како креација на нашата опозиција, а во изведба на сите нас. Сите се вариме во истиот котел и не е важно дали си крив или прав. Граѓаните имаат што да видат. Се руши меѓучовечката доверба, угледот на институциите и впечатокот за државата. Штетата е веќе направена, со изгледи да се зголеми, на радост на "клетите душмани" и балканските радикали. Крајот предвидлив во поглед на краткорочните политички чекори на партиите, но сосем непредвидлив за среднорочната иднина на земјата.
Истата методологија беше применета во 2008-та, кога со блокирање на собраниските седници и оневозможување да се обезбеди кворум за работа, истата опозиција околу СДСМ изнуди предвремени парламентарни избори. А ни тогаш на сите внатре и надвор од Собранието не ни беше јасна математиката. Зошто некој би барал избори, кога рејтингот на владејачкото мнозинство и Премиерот беа повисоки од било кога и било чии порано? И се разбира, резултатот беше лесно предвидлив – прва и најубедлива победа на една владејачка коалиција.
По аналогија, може да се предвиди дека и овојпат ќе бидат изнудени предвремени парламентарни избори, кои власта не ги посакуваше, свесна за обврските што беа преземени и времето потребно да се исполнат. Исто така може да се предвиди изборниот резултат, повеќе или помалку сличен на сегашниве состојби. Значи, власта пак власт, опозицијата – пак опозиција.
Зошто тогаш сиве овие маневри, сиве театри, навреди, потреси на јавноста, срам за очите и ушите? Зошто си ги расипуваме меѓучовечките односи, со опасност да не можеме да си погледнеме в очи со доверба, како луѓе и сограѓани кои споделуваме иста земја и исто небо? Сум поминала многу математики, и јас сум инженер, ама оваа математика не ја разбирам...
Оваа блокада на опозицијата е едноставно неполитичко однесување. Зашто политиката има правила, логика и ред. Предлагаш амандмани, се бориш за нив со сите аргументи, оставаш за нив да се гласа, ти ги прифаќаат или не. Потоа се гласа за закон или Буџет, сеедно, а ти одлучуваш дали гласаш ЗА или ПРОТИВ. Но не ја опструираш работата на Собранието, зашто тоа е моторот на државата. А сите ние како политичари сме тука токму заради неа, државата! Затоа не можеме да работиме нешто на нејзина штета, а за некој свој мал личен или партиски поен.
Особено загрижува што овие лоши математики се прават во времиња кога се бориме како со мечка за нашето голо опстојување како народ и држава. Убедена сум дека токму со слични погрешни математички операции во политиката, во 2008-та ни се влоши меѓународната позиција и во наметнатиот спор со името. Се додека сите во земјата бевме со единствен став, и власт и опозиција, која и да беше, и Македонци и Албанци и сите други, ние пливавме и напредувавме. Течеа евроинтеграциските процеси, се почитуваше спогодбата при Обединети Нации. Но штом нашата опозиција излезе со став дека прашањето со името може да се реши за 6 месеци, треба само добра воља која тие ја имаат, а тоа истото го поддржаа албанските политичари – започна јавна и тајна лицитација со македонското име. 
И се урна македонската преговарачка позиција. Дотогаш "ирационалните" аргументи на Грција, како што ги нарекуваше Европа и светот, влегоа во устите на многу европски политичари. И она што беше порано непристојно да ни го каже некој, почнаа да ни го кажуваат, читаат и сооппштуваат многумина, од државници до службеници. Ние се срамевме што слушаме, тие не се срамеа што кажуваат. Така се случи Букурешт 2008-та и грчкото вето. Ги тужевме на меѓународен суд и добивме, очекувајќи дека одлуката од Хаг ќе и помогне на Европската Унија да се врати на нормалните позиции и на почитување на меѓународното право. Но, Хаг беше, како да не беше...
Не верував дека ќе се согласам за нешто со Делавекурас, портпаролот на грчкото МНР. Ама еве, се случи. Вели дека нашава земја не е блокирана од Грција, туку од Европската Унија. За жал, така личи. Зашто Европската Унија веќе четири години ги кажува аргументите на Грција, како да се нејзини. 
На секој обичен човек му е јасно дека ни треба силен, единствен глас за националните интереси. Ни треба одржлива долгорочна стратегија за опстанок и напредок, поддржана од сите политички субјекти. Заедничка. А што правиме ние? Внатре во нашиот котел, се давиме, се клоцаме и си ја трошиме силата залудно. 
Кои се тие математики со кои се слабее државата, се слабее самиот иницијатор на предвремени избори и конечно, се губат избори??
Нека ми објасни некој...

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr