Развојниот пат на архивската дејност во Македонија е во непосредна врска со историјата на Македонија и македонскиот народ.

Зачетоците на архивска дејност на почвата на Македонија може да се бараат уште за време на античкото кралство Македонија, кога таа граѓа била чувана во познатиот Александриски архив. Во денешно време, со својата современа организираност и програмска ориентација, Државниот архив претставува мошне значајна историско-научна и културна институција, која што е една од главните столбови на нашиот национален идентитет, што ги чува и заштитува архивските документи и материјали и претставува ризница на колективната меморија и на националните вредности на македонскиот народ, најмногу поради тоа што го поврзува минатото со денешнината и создава основа и траен белег за нашата национална свест.

Државниот архив на Република Северна Македонија денес претставува  современа архивска институција, со статус на управна организација, која врз научно-стручна основа врши инспекциски и експертски надзор врз работата на имателите и од нив го прима, го заштитува, го средува и обработува, го публикува и го дава на користење архивскиот материјал.

emil skrsteski arhiv1

Афирмација на меѓународен план

Со оглед на тоа дека архивскиот материјал е заштитено историско и културно наследство и е наше трајно националното богатство, Државниот архив претставува почетна точка од која се тргнува во истражувањето на генезата и историскиот развој на македонската нација, македонскиот јазик, историја, традиција и култура, како најбитни елементи за идентитетот на еден народ, како и за негова афирмација на меѓународен план.

Организирањето и спроведувањето на истражувањата на архивскиот материјал во земјава и во странство придонесува за изнаоѓање нови форми за успешна соработка со архивите во светот. Нашата институција е рамноправен член на Меѓународниот архивски совет – МАС (International council on Archives), како и на повеќе други меѓународни институции и организации од областа на архивистиката, што придонесува за размена на мислења и искуства и за постојани контакти со архивите каде што има и може да се најдат документи што се однесуваат на историјата на Македонија и на идентитетот на македонскиот народ и на другите етнички заедници.

Нов Закон за архивска дејност

Пред извесно време Државниот архив изготви Нацрт-закон за архивска дејност и го достави до Министерството за информатичко општество, кое како овластен предлагач треба да спроведе јавна расправа и да го предложи за усвојување во Собранието на РСМ. Донесувањето на овој Закон, всушност, е во прилог на подигнувањето на граѓанската свест за значењето на архивската граѓа и на промоцијата на архивската дејност, се разбира, усогласен со меѓународните архивски стандарди и со меѓународните договори што веќе сме ги потпишале. Со градењето на современо архивско законодавство и со очекуваното скорешно донесување на новиот Закон за архивска дејност, значително ќе се подобри и статусот и третманот на архивскиот материјал, Државниот архив ќе го утврди статусот на интегрирана управна организација со девет одделенија, со веќе воспоставеното единствено управување, финансирање и со зацртаната кадровска политика.

Поврзување на минатото со сегашноста

Државниот архив претставува специјализирана институција во која е собрано целокупното архивско наследство, а сите идни промени од секаков вид, би требало да се одвиваат преку поврзување на минатото и сегашноста. Тоа ќе овозможи и адаптирање спрема глобалните технолошки достигнувања што се случуваат во светот, зашто големите промени предизвикани од електронското модернизирање придонесуваат за автоматска обработка на архивските документи и на историските податоци, за проектирање на апликативни софтвери, за формирање на единствен информациски систем и за дигитализација на архивското наследство, процес кој наскоро планираме да го забрзаме. Со тоа, не само што ќе фатиме чекор со современото и модерно архивирање, туку и подобро и трајно ќе ги заштитиме архивските документи и ќе придонесеме за нивна полесна и побрза достапност до научниците, историчарите, истражувачите, студентите и до сите оние што се интересираат за нашата историја.

Дигитализацијата – главна стратешка цел

Стратешкиот план на Државниот архив за периодот од  2021 до 2023 година, всушност, е основен документ, кој во себе ги вклучува и стратешките приоритети и цели на Владата на Република Северна Македонија. Овој план на извесен начин претставува и предвидлив процес на позитивни промени во самото организирање и менаџирање со институцијата и на нејзиниот побрз технолошки напредок, што подразбира и интензивирање на процесот на дигитализација на архивската граѓа, како главна стратешка цел.

Основна насока на Државниот архив е и прифаќањето и почитувањето на меѓународните стандарди во сферата на архивското работење. А, се разбира, успешното спроведување на реформите и на стратешките приоритети и цели бараат голема ангажираност на сите вработени во институцијата, односно јакнење на нивниот капацитет и на нивното знаење и вештини, како и технолошко осовременување, поточно техничко опремување и создавање подобри услови за работа според светски стандарди, што предвидува и изградба на нов современ и адекватен објект за архивот.

Одбележување на 70 годишнината од создавањето на Архивот

Развојот на Државниот архив, како значајна општествена институција, опфаќа и натамошна едукација на вработените. Поддршката, мотивацијата и посветеноста на вработените е од суштинско значење за успехот на исполнувањето на планираните приоритети и активности, за нашата успешна соработка со светските архиви, за нашето успешно промовирање и ефикасно вклопување во европското семејство, како и за доследното спроведување на нормите и стандардите на Европската унија.

Во наредниот период приоритети на Државниот архив се: кадровската екипираност со млади и стручни кадри, интензивирањето на процесот на дигитализација на архивскиот материјал, соработката со другите архиви, особено со оние што се поврзани со процесот на сукцесијата на архивската граѓа од поранешна СФРЈ, како и обезбедувањето услови за работа според европски стандарди и изградба на нов објект за Државниот архив.

Очигледно дека глобалните здравствени и економски потешкотии предизвикани од пандемијата на Ковид-19 може да ги забави сите овие процеси, но ние како институција, која што е од витално значење за историјата и за идентитетот на државата, без оглед на тие проблеми и потешкотии, не отстапуваме од планираните проекти и имаме намера нашите зацртаните цели доследно да ги реализираме во предвидениот период и во наредната 2021 година достојно и пригодно да ја одбележиме 70 годишнината од создавањето на Државниот архив.

Преземено: https://denesmagazin.mk/

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl