Колку од нашите информации се јавни? Што се случува со сите фотографии и видеа кои ги праќаме на партнерите, пријателите, на социјалните мрежи и апликации? Дали сме безбедни во цел тој интернет свет. Сигурно сите се преиспитуваат за јавното споделување на приватни информации, што после скандалот со „Јавна соба“

Bojan Pertrovski



Малолетници креираат група, групата излегува од контрола и станува група за јавно изживување и омаловажување. Се споделуваат интимни фотографии, експлицитни видеа со порнографска содржина, најмногу од малолетни девојчиња. Групата ескалира, преку 7000 членови присутни, вулгарно ги коментираат фотографиите и видеата, навредуваат, се употребува сексизам, родова и полова дискриминација.

Велат, криви биле девојките што ги поседувале видеата и фотографиите. Нормално, во ова општество прво се критикува жената, таа е таа лошата, неморалната, а другите 7000 светци, невини мажи кои од чиста етичка природа си споделуваат приватни фотографии од девојки, некои малолетни, некои фотошопирани, битно да се забавува раја, нека гледа народ голо женско тело, без размислување за последици без грам етика и морал.

Да се вратиме назад, професорка ја пријавува групата и МВР и ОЈО со брза реакција се фаќаат за работа, сега се чека санкција, санкција мора да има за креаторот. Но што после скандалот, што ќе се случува со сите тие јавни информации. Факт е дека дури сега започнува катастрофата за тие млади луѓе, засрамени, омаловажени, цел на онлајн разврат. Нарушено физичко, а можеби и трајно ментално здравје, во групата се споделувани имиња и презимиња, телефонски броеви и домашни адреси. Разголени во секоја смисла на зборот.

Сеопфатно сексуално образование мора да биде задолжителен предмет во училиштата, децата мора да се образуваат за својата сексуалност и да ја разберат почитта кон своето тело. Во модерниот интернет свет нема компромиси, се што ќе излезе од нашиот уред е јавно и е дел од широкиот спектар на онлајн комуникација, што не секогаш завршува славно. Сигурно постојат уште многу „Јавни соби“ за кои мораме да реагираме, да пријавуваме доколку забележиме да алармираме за да ги заштитиме жртвите од онлајн булингот, да разговараме со родителите, пријателите и другарите, родителите да разговараат со своите деца, алармирајте и реагирајте навреме. За младината се работи.

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl