Посетата на папата, промоцијата, брендирањето на нашата држава и новите авионски линии кои се планира да се воспостават до 2020 година ќе го зголемат интересот на странските туристи за Македонија. Се очекува годинава број на ноќевања да достигне 4 милиони, а девизниот прилив над 400 милиони долари.

DSC 6013 1024x701

Доаѓањето на папата Франциск во Македонија ќе го зголеми интересот на странските туристи за Македонија и ќе претставува одлична промоција на нашата земја од туристички аспект, вели Љупчо Јаневски во разговор за весникот „Вечер“.
Тој годинава очекува раст на бројот на туристи и на девизниот прилив од над 400 милиони долари. За тоа да се случи, како што вели ќе придонесат промоцијата, брендирањето на нашата држава и новите авионски линии кои се планира да се воспостават до 2020 година.
– Значењето на посетата на папата е многу големо од повеќе аспекти, како и од туристички аспект, бидејќи ќе овозможи и нашата земја да биде повеќе препознатлива како туристичка дестинација. Очекуваме зголемен број на туристи пред се од регионот, но и од другите земји кои ќе дојдат да ја посетат Македонија и да ја проследат мисата на папата. Веќе има најавено повеќе тури од регионот кој ќе бидат во Македонија 2-3 дена, односно ќе бидат сместени во Охрид, а на денот на мисата ќе присуствуваат во Скопје, вели Јаневски.
Според него, позитивниот ПР кој ќе го добиеме од посетата на папата како туристичка дестинација е огромен, а дополнително тоа ќе овозможи зајакнување на промоцијата од туристички аспект.
-Доаѓањето на папата ќе предизвика и интерес за посета на нашата земја на тие што не ја знаат, ќе не има во регионалните и во светските медиуми и тоа многу значи. Неформално тоа претставува како една голема инфо-тура, да дојде папата и да ја промовира државата од секаков аспект, а пред се туристички, додава Јаневски.

 Годинава се очекува раст од 10 отсто на туристите и 4 милиони ноќевања

Во однос на очекувањата за бројот на туристи годинава, тој очекува раст од 10 отсто и 4 милиони на остварени ноќевања во нашата земја.
-Минатата година Македонија го забележа најголемиот раст во однос на бројот на ноќевања. Нивниот број во 2018 во однос на 2017 година порасна за 22,1 отсто отворајќи нови туристички пазари и забележувајќи раст на некои пазари од над 50 отсто, како на пример во Хрватска, Полска, Бугарија. Интересно е да се забележи дека после неколкугодишен пад Македонија го зголеми просечниот престој на туристи што претставува директен позитивен инпакт врз девизниот прилив во земјата кој во 2018 во однос на 2017 година бележи скок од 16,7 отсто, односно 381,5 милиони долари девизен прилив. Тоа е многу значајно затоа што докажуваме дека туризмот е сериозна област која наредните неколку години ќе биде многу значајна за македонската економија, вели Јаневски.
Тој смета дека успешните практики од 2018 година при промовирањето и поддршката на туризмот ќе овозможат раст на туристите и во 2019 година од 10 отсто и што поблиску да дојдеме од бројката 4 милиони на остварени ноќевања. Тоа, како што вели би требало да предизвика зголемување на девизниот прилив кој што очекуваме во 2019 година да надмине 400 милиони долари.
Јаневски вели дека се планира да се воспостават нови авионски линии, кои ќе придонесат да се остварат овие очекувања.

 Нови авиолинии Истанбул-Охрид, Загреб-Охрид, чартер линиите од Измир до Скопје

-Новите авионски линии кои се планираат до 2020 година се Истанбул-Охрид, Загреб-Охрид, чартер линиите од Измир до Скопје, вклучувајќи ги и нискобуџетните линии кои неодамна беа пуштени ќе овозможат поголем број на туристи во земјава. За прв пат годинава Македонија, Србија и Црна Гора заеднички ќе настапат на саемот ИТБ Азија во Сингапур како една дестинација овозможувајќи на азиските туристи кружни тури, нови атракции како Балкан. Ова ќе овозможи прилив на поголем број на азиски туристи кои во наредните години се повеќе ќе бидат присутни во Адриатик регионот, подвлече Јаневски.
Промоцијата на Македонија како туристичка дестинација продолжува во 2019 година во 13 земји со поголем број на информативни патувања на тур-оператори и новински куќи во Македонија.
Во таа насока тој информираше дека од 9-12 мај заедно со „Кроација ерлајнс“ ќе се организира информативно патување на 27 тур-оператори и новински куќи од Хрватска кои ќе остварат контакти со македонскиот туристички сектор и ќе имаат организирано Б2Б средби. Исто така во јуни 30 полски тур-оператори ќе остварат вакви средби со македонскиот туристички сектор. Јаневски информираше дека оваа практика со тур-оператори се покажала како многу успешна и овозможила дополнително вмрежување на дестинациите и туристичките сектори од регионот.
МН Туристите не доживуваат во сегментот на гастрономијата, винските тури, археологијата…
-Во 2018 година АППТ го смени начинот на промовирање на нашата земја како туристичка дестинација. Воведувањето на новите светски практики овозможи 70 отсто онлајн рекламирање и 30 отсто користење на други класични медиуми. Успешноста на кампањите неколкупати го зголеми растот на туризмот и туристичкиот сектор кај нас, а од друга страна ја наметна и потребата од туристичко брендирање на нашата земја. За тој процес да биде максимално интегриран преку туристичко лого и слоган, да се опишат туристичките потенцијали на државата потребни се сериозни анализи, истражувања и брендирања на микро дестинации кои природно ќе овозможат понатамошно брендирање на државата, вели Јаневски.
На прашањето што поразлично и поинтересно Македонија може да им понуди на туристите, Јаневски вели дека самото тоа што нашата земја ја етикетираат како неоткриено туристичко богатство во Европа доволно говори за тоа.
Туристите не доживуваат во сегментот на гастрономијата, винските тури, археологијата, националните паркови, културното наследство, традицијата… Сето тоа ги мотивира да не посетат по неколку пати, бидејќи одеднаш не можат се да видат и доживеат сите овие работи.
Според Јаневски ако не можеме инфраструктурно масовно да го развиеме туризмот во Македонија, тогаш можеме да понудиме илјадници туристички атракции за алтернативни форми на туризам кои во последниве години се доста актуелни во нашата земја.

Извор: https://vecer.press 

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr