Bojan Petrovski govornica

Дојдовме до момент кога треба да одлучиме -  дали да се поместиме од мртва точка или да продолжиме да живееме  во апатија, со илузии и со фиктивни надежи? Очигледно е дека во вакви околности, мојата генерација нема време за чекање. Изминаа  27 години од осамостојувањето на Република Македонија, што е  сосема доволно време за да се запрашаме: Што направивме, што постигнавме, до каде отидовме и каде сме? Секоја година чувсвувам како да се наоѓаме на крстосница, на која што подзастануваме и најчесто се запрашуваме: Каде бевме? Каде сакаме да бидеме? Каква е нашата иднината, иднината на младата генерација и каква сакаме таа да биде? Додека повеќето мои другари, пријатели, соседи и колеги секојдневно размислуваат да најдат излез од економската криза со заминување во белиот свет и ја реализираат истата, ние, можеби најупорните и најоптимистите останавме тука да се обидеме да ја вратиме надежта и да кажеме дека навистина ќе не биде,  дека навистина е дојден моментот кога се создава реална политичка основа да размислуваме дека ќе биде подобро. Одлуката е една, тука е пред сите нас.

На тие крстосници ние младите се прашуваме – не каде, туку и како понатаму. Чувствуваме дека сега вратата кон нашите перспективи ни се отвора. Шансата ја гледаме во референдумот што ќе се одржи на 30 септември со едноставно прашање: ЗА или ПРОТИВ. Апсолутно не прифаќам БОЈКОТ. Сметам дека активен граѓанин претставува најзначајна клетка на едно стабилно општество, а стабилно, силно и активно општество значи коректив на секоја власт. Исто така, како млад граѓанин на Македонија, сметам дека должност на секој  совесен и одговорен  граѓанин е да излезе и да го искаже своето мислење и својот став на овој референдум, кој верувам дека е исто толку значаен како и референдумот на 8-ми септември пред 27 години. Ако во 1991 година Македонија стана самостојна, независна држава, тогаш овој референдум значи потврда на нашата проевропска ориентација и потврда на нашата надворешно-политичка цел за прифаќање на западните демократски вредности, норми и принципи и стремеж кон поноправно членство во Европската унија и НАТО. Да излеземе на 30 септември и да гласаме на референдумот за Европска Македонија. Тоа е наша одговорност и граѓанско право. Верувам дека младите кај нас не сакаат да бидат дел од  Европска унија само поради финансиските бенефиции, поради поголемите плати и социјалната сигурност. Тука е и елементот на безбеден живот, широк пазар на трудот и доследно  почитување на човековите права. 

Македонија повеќе нема ниту време за губење, ниту, пак, толку млади лица за губење, кои заминуваат во странство во потрага по подобар живот. Затоа сметам дека одлуката за нашата иднина е во наши раце. Како што беше донесена храбра одлука на 8 септември 1991 година, така нека биде и сега, на 30 септември. Датум што ќе го паметиме како ден кога навистина стануваме дел од европското семејство и како ден кога се отвора и се испишува нова европска страница од нашата историја.  Знам дека не постои лесен компромис, но постојат храбри исчекорувања кои носат нова надеж за сите нас, надеж за подобро утре со млади генерации кои ја гледаат својата иднина тука, во европска Македонија. 

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr