lile2Годинава Македонија се вклучува во светската акција за чистење на отпадот Let’s do it! World 2012. Кампањата во Македонија е наречена „Македонија без отпад 2012“, и е  иницијатива на пратеничката Лилјана Поповска и асоцијацијата Ајде Македонија.

 Централната активност што се планира годинава е организација на НАЦИОНАЛЕН ДЕН ЗА ЧИСТЕЊЕ кој ќе се одржи во октомври 2012 г на територијата на целта држава. На тоа ќе му претходи пилот-акција во пет општини, која ќе се одржи на 21 април во Кисела Вода, Сарај, Дојран и Струга и 22 април во Липково.

Годинава Македонија се вклучува во светската акција за чистење на отпадот Let’s do it! World 2012. Кампањата во Македонија е наречена „Македонија без отпад 2012“, и е  иницијатива на пратеничката Лилјана Поповска и асоцијацијата Ајде Македонија, а е  поддржана од РЕЦ, Амбасадите на Холандија, Словенија и Шведска.  Целта е анимирање на сите расположиви национални ресурси во сеопфатна акција за чистење на отпадот во околината, како и развивање на свеста за правилно постапување со него.

Република Македонија има вкупно 54 општински депонии на кои завршуваат околу 70% од отпадот (490,000 тони годишно), а останатите 30% (210,000 тони годишно) се отстрануваат на бројни локации во близината на населените места што не добиваат организирана услуга за собирање на отпадот, главно покрај патишта, реки и на излетнички места во природата. Ова  јасно укажува на потребата и целта од ваква широка акција – изјави заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски на одржаната прес конференција.

Проектот ќе се одвива во текот на целата година и вклучува комбинација на неколку активности како на пример: акции за идентификување на дивите депонии, акции за нивно чистење, едукативни активности со посебни образовни програми во насока на развивање и подигање на свеста кај граѓаните постапување со разни видови отпад.

Една од централните активности што се планираат годинава е организација на НАЦИОНАЛЕН ДЕН ЗА ЧИСТЕЊЕ кој ќе се одржи во октомври 2012 г на територијата на целта држава. На тоа ќе му претходи пилот-акција во пет општини, која ќе се одржи на 21 април во Кисела Вода, Сарај, Дојран и Струга и 22 април во Липково. Во овој проект ќе бидат ангажирани сите релевантни институции како: Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Министерството за одбрана, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство заедно со ЈП Македонски шуми, Министерството за локална самоуправа, општините и Јавните комунални претпријатија, Дирекцијата  за заштита и спасување и други – појасни Темелковски за предвидените активности. 

Пратеничката Лилјана Поповска го појасни мотивот за иницијативата: „ Ја иницирав акцијата за чистење на Македонија како пратеник од зелена партија. За мене тоа е природно зашто екологијата и туризмот ми се приоритети. Токму затоа јавно ја иницирав на Светскиот ден на туризмот, зашто за да имаме сериозна туристичка земја, првин треба да имаме чиста, зелена, еколошка Македонија. Јас цврсто верувам дека за ваква акција ни е неопходна широка интерсекторска коалиција од владини институции, невладини организации и граѓани. Само така ќе постигнеме подигање на еколошката свест, кое ни е неопходно за трајно решавање на проблемите со отпадот.

Асоцијацијата Ајде Македонија е дел од глобалната иницијатива која се спроведува во над 85 земји во светот. Претседател на Асоцијацијата Антонио Јовановски во обраќањето до јавноста рече:  „Улогата на Асоцијацијата и овој проект е да развие чувство на одговорност кај граѓанинот и да ја подигне свеста за правилното управување со отпад во РМ. Имено, еден граѓанин прави 350 кг отпад годишно и нашата цел е таа количина да се намалува, а таа што ќе се произведе да се реупотреби и/или рециклира. Понатаму, со овој проект ќе се создаде дигитална база на податоци на отпадните локации во РМ како дел од глобалната база на податоци на Ајде Свету! Оваа иницијатива доаѓа од граѓанскиот сектор и е отворена за сите луѓе, организации, институции и останати чинители, да ја помогнат. Секако ги повикуваме сите граѓани да излезат на деновите на чистење, 21ви април и националниот ден на чистење, 6 октомври.

Оваа година, освен во Република Македонија, акцијата ќе се спроведе во преку 85 држави во светот. Акцијата е официјално поддржана од Европскиот Парламент со 406 потписи.