DOM zname

Изјава на Лилјана Поповска по прекинувањето на преговорите во Пржино

Многу жалиме што не се постигна договор затоа што институционалната разврска беше многу важно да се изреализира до крај.  

Како што знаете ДОМ и другите партии, како и граѓанскиот сектор за жал не се дел од преговарачкиот процес. Жалиме што не се прифати навреме тој концепт што го предлагавме затоа што на тој начин во разрешницата на политичката криза ќе беа вклучени сите актери што постојат во државата, и ќе имаше една реална претстава за распоредот на силите со реална разврска и реални решенија.   

Инсистирањето на избори на 24 април, во состојба кога не се реализирани многу важни сегменти од Пржинскиот договор е нереален пристап и не станува збор за тоа кој ќе покаже повеќе сила во преговарачка бројка од четворица, тоа не е фер процес и тоа не дава добри резултати, затоа и ваков е исходот. Значи, треба реално да се пријде. Целта на овие преговори беше да се најде формула преку која на мирен начин ќе се излезе од политичката криза и ние тој пристап го поддржувавме и сеуште сме за тоа, но реално потребно е да се одложи датумот на избори барем за онолку за колку се задржаа битните процеси со кои требаше да се изградат институциите кои ќе гарантираа фер и демократски избори, оти не е доволно некој да гарантира на (чесен) збор дека ќе обезбеди фер избори. Во случајов, институциите се тие кои треба да обезбедат фер и демократски избори, а тие институции не се спремни.

Затоа сметаме дека одложувањето на изборите би требало да биде 2 до 3 месеци колку што доцнеше формирањето на ДИК којшто е надлежен за проценка на избирачките списоци и нивно ажурирање. Се разбира идеално би било да имаме едно нормално време за институционала изградба која не се прави во 2,3 месеци, меѓутоа ова е минимумот кој што треба да се постигне. Се надевам дека во иднина ќе има доволно реален пристап од сите актери за да се дојде до тоа, но тоа нема да биде возможно ако не се направи широка граѓанска платформа од политички субјекти и граѓански организации кои што се залагаат за позитивни промени во државата. Без таа платформа нема да се покаже вистинскиот глас на граѓаните, а тој глас се покажа кога се бараа предвремени избори и тој глас ќе се испочитува и ќе биде реализиран на соодветен начин кога сите тие ќе бидат вклучени во договарањето на излезните решенија и кога сите заедно ќе кажеме: „да, сега веќе веруваме дека институциите го имаат постигнато минималното ниво на кредибилитет за да им веруваме на овие избори“, затоа што нам ни требаат избори во кои сите ќе веруваат и кои ќе претставуваат крај на политичките кризи и обвинувања.

На Македонија и треба стабилност, гледаме во каква деликатна ситуацијата се наоѓа целиот регион, меѓутоа и целиот свет впрочем и мислам дека треба навистина многу сериозно и одговорно сите да се однесуваме. И една работа што е многу важна за Македонија е што треба да се научиме дека политичките партии, граѓанските организации и граѓаните треба меѓусебно да се почитуваат и да изградат елементарно ниво на политичка култура на соработка, како што ние бевме денес поканети како гости и дојдовме во колегијална поддршка затоа што сметаме дека се прават позитивни промени, се промовира една програма, па така и ние очекуваме на промоцијата на нашата програма, која ќе биде наскоро заедно со десетгодишнината од формирањето на на ДОМ, да дојдат политички гости. На тој начин треба да градиме дијалог: со доверба, со поддржување секаде каде што ќе најдеме заеднички точки. Се надевам дека сите партии, вклучително и таканаречените големи партии ќе го научиме тоа.

Скопје, 16.01.2016

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин e-mail: maja.moracanin@dom.org.mk
тел: +389 75 61 81 93

Социјални медиуми

Анкета