1B4F07E627437B48AFC5A8B9F988CB6B

Инвеститорот е фантомска фирма за која нема податоци на интернет, формирана лани на Девствените Острови, вели Лилјана Поповска, еколошки активист и пратеник од ДОМ

Сања Наумовска


Сметате ли дека најавената изградба на леарница во Пробиштип е опасна за здравјето на жителите и за животната средина?

Да, апсолутно. Се работи за металуршки комбинат од тешка и загадувачка индустрија, за топилница на отпадно железо со леарница, која работи на 1.600 Целзиусови степени, со бучава и вибрации, со 700 тони отпадна згура и 23 тони прашина годишно. Значи, ново загадување на воздухот, водата и почвата, а Пробиштип веќе се води како град со загадување, како што кажаа презентерите на студијата.

Дали граѓаните и еколошките организации имаат увид во документацијата на инвеститорот, каква технологија ќе користи и какви влијанија може да се очекуваат?

Достапна е студија за влијание врз животната околина, изготвена од инвеститорот, на која не може да и' се верува. Прво зборува за загаденоста на Пробиштип од постојните 10 индустриски капацитети и од старото јаловиште, па ги набројува сите можни загадувања од работа на топилници и леарници, за на крајот да заклучи дека токму овој капацитет нема да има никакво штетно влијание врз животната средина! Иронично, велат, немало значајни пеперутки, птици и други биолошки видови, кои би биле загрозени! А луѓето, не се ли тие значаен биолошки вид? 

Кој е инвеститорот и дали има искуство во овој бизнис?

Инвеститорот е фантомска фирма за која нема податоци на интернет, формирана лани на Девствените Острови со капитал од 100.000 евра, со име „Крамфилд“, што е позајмено од англискиот универзитет каде што магистрирале двајцата млади менаџери што јавно се појавуваат. Како да веруваме дека тие ќе инвестираат 15 милиони евра, дека ќе биде тоа модерен капацитет и сл.? Уште го помниме глумецот од Бучим! Има ли вистински капитал зад овој инвеститор и кој е, всушност, инвеститорот?

Дали постојат примери во светот каде што се градат вакви капацитети блиску до урбани средини?

Во светот има понекаде вакви објекти во градовите, главно останати од порано, па еколошки приспособени или со многу скапи модерни технологии. Од се' досега, не ми се верува дека нашиве голобради момчиња се реални инвеститори. Затоа на пратенички прашања во Собранието ги искажав моите сомнежи: дали не се работи за измама од таканаречените инвеститори кои немаат ни намера нешто да градат, или за обид за еколошки криминал со внесување некоја стара опрема, стар крш од Русија, каква што беше опремата во старата топилница во Велес? На Велес ме асоцира и тоа што оваа фантомска фирма е регистрирана на иста адреса како „Метрудхем“, против кој се кренавме сите на нозе.

Ни требаат ли воопшто вакви капацитети во земјата?

На Македонија не и' треба тешка и загадувачка индустрија. Со нашата површина, нема простор ем за туризам, вино и здрава храна, ем за црнила! Како држава треба да си ги знаеме стратешките правци на одржлив развој и приоритетите, за да не правиме лупинзи! Пробиштип со Лесновскиот манастир, со пештерите и воденичарските камења е преубав крај со многу туристички приказни, преубава храна и добри и срдечни луѓе. Штета е наместо рурален развој, со туризам и лесна преработувачка индустрија, главно на прехранбени производи, на луѓето да им се нуди металургија.

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин e-mail: maja.moracanin@dom.org.mk
тел: +389 75 61 81 93

Социјални медиуми

Анкета