intervju liljana popovska

Излезот од длабоката политичка криза во која западна Македнија, претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска го гледа во преодна влада. Посакувам мирна разврска, со два паралелни процеса, судски и политички. Судскиот би започнал со оставка на обвинителот, враќање на опозицијата во парламентот и избор на нов со сеопшт консензус. Потоа би следела преодна, или коалициона Влада, со мандат да ги подготви предвремените избори, прочистувајќи го избирачкиот список, за да нема никој забелешки по изборите, вели Поповска. Сепак, со оглед на динамиката на настаните во земјава, напоменуваме дека интервјуто е правено пред синоќешните оставки во владата на Никола Груевски.

Фактор: Г-ѓо Поповска како ја гледате Македонија три дена по грозоморниот терористички чин во Куманово?

Поповска: Македонија е искрено потресена, со длабока жал за изгубените млади животи и силно револтирана. Само што револтот е различно насочен кај различни делови од граѓаните, зависно од тоа во која верзија на настанот веруваат. За жал, дури и во ваква страшна трагедија македонските граѓани се длабоко политички поделени, што ја слабее и нашата држава. ДОМ упати јавна порака: власта да покаже сериозност и ефикасност во справување со безбедносните закани, а опозицијата да размисли дали не е потребно во овој сериозен момент за државата да влезе во Парламентот и оттаму да врши контрола над работењето на институциите, вклучително и безбедносните.

Фактор: Многу шпекулации во јавноста околу тоа кој стои зад инцидентите и која е целта на терористите. Сакам да ве прашам кому му одговараат инциденти во овој момент?

Поповска: Реално, никому. Сите сме на истиот брод и евентуален бродолом сите ќе не потопи. Затоа ДОМ им даде недвосмислена поддршка на институциите да си ја извршат својата професионална обврска. Кажавме дека ова е многу опасна ситуација, независно кој стои зад престрелките и дека сите треба да придонесеме да се спречи натамошна ескалација.

Редица нелогичности во постапката

Фактор: Дали може да се верува на шпекулациите дека инцидентите се само дефокус од реалната политичка криза, предизвикана со аферата прислушување?

Поповска: Не сакам да верувам во такво сценарио, иако искусните генерали наведуваат редица нелогичности. Но тие можат да бидат и резултат од несоодветно третирање на проблемот. Неспорно е дека оружената група во Куманово се обучени и искусни терористи воспитани во духот на Голема Албанија. Но тоа не ја исклучува можноста да се истовремено и платеници, кои извршуваат акции за пари, а не само за идеја.

Фактор: Според вас, потфрли ли МВР кога е во прашање кумановскиот инцидент, особено што претходно јавноста беше сведок на инцидент со полициската караула во Гошинце?

Поповкса: Ова не е моја област на стручност и можам само да коментирам што ми изгледа нелогично. Нелогично е МВР да не ги открие напаѓачите на Владата, ниту тие во Гошинце. Токму тоа ги подгреа приказните за наместени напади, па и случајот во Куманово на почетокот многумина го гледаа со такви очи. Но огромниот број жртви од двете страни е застрашувачки реален и далеку од наместена игра. Не знам како требало да се испланира и изведе ваква акција, но неприфатлив ми е бројот на жртви и тоталното разорување на објектите! Зошто не се превенирал случајот, што правеле безбедносните служби? Колку контроли и рампи биле слепи за да се провлечат толку луѓе, оружје и опрема? Зошто се пуштале момчиња директно врз отворен оган? Како граѓанин можам само да поставам прашања.

Фактор: Чија е одговорноста за кумановскиот инцидент?

Поповска: Безбедносните служби се први на кои помислуваме, но секако е потребна сериозна истрага на целиот случај, зашто има повеќе институции, кои треба да се координираат меѓусебно.

Фактор: Колку сме далеку или блиску од меѓуетнички конфликт?

Поповска:  Во регионот постојат екстремистички милитантни групи и се реална закана за безбедноста, затоа не смееме туку така да ја отфрлиме таа опасност. Од друга страна, пак, сите балкански држави се или членки на НАТО и ЕУ, или апликанти за таму, што значи дека имаат изградено одбрамбени структури според одредени стандарди, со обврска за размена на безбедносни информации. Самите држави се со мултикултурни општества и демократска институционална рамка. Македонија има најразвиен мултикултурен образец, со негово 14-годишно практикување, кое во голема мерка ги намали меѓуетничките тензии. Но, овие теми се, за жал, сеуште примамливи и функционални за политички маркетинг, па никогаш не се знае кога некој политичар од чисто прагматични причини ќе извади некој аргумент од познатиот арсенал! 

Посакувам мирна разврска на политиката криза – преодна влада

Фактор: Меѓународниот фактор на чело со американскиот амбасадро Бејли, завчера по средбата кај премиерот Никола Груевски дадоа можеби најжестока изјава досега. Како ја коментирате?

Поповска: Од една страна е непријатно да слушаш таква дикција од страна на странци во својата земја, а од друга страна, пак, тоа изгледа единствено имаше ефект во прифаќање на реалноста од страна на Владата.

Фактор: Лично вие, каква разврска очекувате за политичката криза?

Поповска: Посакувам мирна разврска, со два паралелни процеса, судски и политички. Судскиот би започнал со оставка на обвинителот, враќање на опозицијата во парламентот и избор на нов со сеопшт консензус. Потоа би следела преодна, или коалициона Влада, со мандат да ги подготви предвремените избори, прочистувајќи го избирачкиот список, за да нема никој забелешки по изборите.

Фактор: Можно ли е владата на Никола Груевски да ја преброди актуелната политичка криза?

Поповска: Можно е, но само за извесно време. Знаете, кога ќе излезе народ на улици револтиран  од многу различни причини, неговиот број само ќе се зголемува и прашање на момент е кога ќе попуштат сите институционални барикади.

Ја напуштимве владината коалиција со мирна душа и добра намера

Фактор: Вие како ДОМ ја напуштивте владината коалиција. Денеска, иако е можеби рано како гледате на оваа одлука?

Поповска:Правилна одлука, направена со мирна душа и добра намера. Сакавме да помогнеме за мирна разврска на политичката криза. Верувавме дека со нашиот потег ќе придвижиме редица конструктивни потези, пред се од најголемата партија, за да не продолжи игнорирањето на граѓанскиот револт. Напротив, тој треба да се канализира. Сакавме да избегнеме ескалација на револтот до меѓуграѓански тепачки по улици, до протести и контрапротести, во кои би страдале луѓе. ДОМ е секогаш за ненасилно решавање на проблеми, па затоа им дадовме два месеца време на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се договорат низ дијалог. Кога ништо не излезе од тоа, го повлековме својот потег. Гледаме, со оставките, сепак нешто се придвижи, иако тоа не  е крајното решение… Ова не беше нагла одлука, за неа дискутиравме во телата околу два месеца, имајќи две силни причини: 1) вознемиреност од содржината на бомбите, каде се соочивме со морална дилема дали имаме право да поддржуваме таков начин на практикување на власта, и 2) незадоволство поради незаинтересираноста на партнерите во последнава година да го исполнат еколошкиот програмски пакет договорен пред парламентарните избори 2014.

Учеството на ДОМ во оваа коалиција има различни фази, со различен третман и резултати. Мора да се каже дека во првите неколку години имавме многу добра комуникација и висок степен на исполнување на договорените програмски заложби. Тоа беше и особено успешен период на оваа Влада. Следеше период во кој почна да се менува односот кон партнерите и кон договореното, иако сеуште поголемиот дел се реализираше. Последниве години имавме повеќе несогласувања на наши и на општи теми, за кои реагиравме или гласавме по сопствено убедување, како законите за абортус, високо образование, просторно и урбанистичко планирање, зеленило, градски архитект, гумени куршуми; обидот за уставна дефиниција на вонбрачна заедница; непрофесионално судство; непостапување на обвинителството и други институции при еколошко загадување или насилство врз ЛГБТ заедницата, ГТЦ и др.

Фактор: Веднаш по вашето обелоденување дека ја напуштате владината коалиција, во јавноста се појавија личности кои претставувајќи се како ДОМ најавија дека преминуваат во ВМРО ДПМНЕ. Кои се тие луѓе, дали се навистина од ДОМ?

Поповска:Пред група луѓе од ВМРО-ДПМНЕ застанаа тројца наши членови, колку што знаеме, под силни притисоци и уцени, со лажни податоци за премини на општини. Тоа нема никаква врска со вистината. Веднаш на прес ја известивме јавноста, собравме изјави со имиња на уценувачите и во даден момент ќе ги дадеме на суд. Нашите членови во огромен број дадоа отпор, зашто, знаете, тоа се главно горди луѓе, кои не прифаќаат наредби од никого, затоа и ја одбрале зелената опција како најдемократска. ДОМ продолжува самостојно да дејствува, подготвувајќи се за самостоен настап, како на локалните избори 2013, кога освоивме 25.000 гласови, и покрај огромниот број неважечки ливчиња, каде ни ги снема роднините и најблиските пријатели! Но затоа сега со пречистен избирачки список и поголема контрола на гласачкиот процес, она што си е наше ќе си дојде! Наша заложба и натаму останува Македонија како една изборна единица, што многу би помогнало повеќе партии да настапат самостојно и да се профилираат идеолошки и програмски.

Одбив да потпишам меница

Фактор: Вистина ли се приказните за потпишување меница и дали вие потпишувавте такво нешто?

Поповска: Одбив да потпишам. Но треба да знаат и оние што тоа го сториле, дека тој документ е безвреден и неупотреблив, зашто не е во интерес на самата партија јавно да ја покаже и употреби!

Фактор: Што мислите за досега објавениот аудио разговори од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев?

Поповска: Ужасно непријатно е чувството да се слушаат туѓи приватни разговори, не ги слушам во целост и посакувам ова што поскоро да сопре. Но, мора да се признае, благодарение токму на тие снимени разговори, од кого и да се, целата јавност дозна работи кои фрлија поинакво светло врз работењето на одредени институции и функционери. Тие ни прикажаа една поинаква вистина за Македонија, која можеби ја насетувавме, но не можевме ни оддалеку да претпоставиме до каде одат некои работи, посебно во полициско-обвинителско-судскиот апарат. И за таа содржина на снимките некој мора да понесе одговорност!

Фактор: Што мислите дали се автентични снимките?

Поповска: Да, препознатливи се гласовите, разговорите, ситуациите…

Природно е да дадеме поддршка на широката граѓанска платформа за повеќе демократија и почитување на човековите права

Фактор: Поради исклучително големата поделеност во општеството, сакам да ве прашам можни ли си внатрешни (меѓумакедонски) судири?

Поповска: Ако се судрат луѓе од протести со луѓе од контрапротести, еве Ви меѓуграѓански судир! Тоа би можело да прерасне во сериозен конфликт и да ја дестабилизира целата земја. Не смее да се дозволи излевање бес и насилство, зашто крај ќе нема…

Фактор: На 17-мај е најавен голем протест на опозицијата, ќе се појавите ли?

Поповска:Лично јас не ќе можам, уште пред 2 месеца сум пријавена за годишното собрание на Европските зелени во Загреб од 15-17 мај, каде со делегација од ДОМ имаме интерју за нашиот прием во нивните редови, се надеваме наесен. Но природно е да дадеме поддршка на широката граѓанска платформа за повеќе демократија и почитување на човековите права и слободи во земјата. Наши членови ќе одат, како што поединци и досега учествувале на разни протести, чии барања им биле блиски. Впрочем, ДОМ даде јавна поддршка и гласаше на референдумот за ГТЦ.

Фактор: Дали ДОМ ќе се приклучи кон целокупната опозиција?

Поповска: ДОМ излезе од владината коалиција за да настапува самостојно и да ја промовира посилно својата програмска платформа, најавувајќи дека и во Парламентот и во локалните совети ќе ги поддржи сите предлози што се во интерес на граѓаните и земјата. Имајќи предвид, пак, дека зелената опција силно се залага за почитување на човековите права и слободи и примена на највисоките демократски начела, логично е дека ќе работи и на тој план и ќе ги поддржи сите предлози на опозицијата кои одат во таа насока, а се со мирољубиви средства.

Фактор: Каква разврска очекувате во Македонија?

Поповска: Разумна, логична и мирољубива, зашто така сакаат огромното мнозинство граѓани. Значи, преодна Влада, предвремени избори, поголемо шаренило во парламентот, постизборни коалиции со подемократски односи внатре, унапредување на демократските принципи воопшто, враќање на меѓународниот углед на Македонија и позитивен исход од преговорите со меѓународната заедница. Само толку…

М.И.

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

 ул. Никола Вапцаров 18/1 1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Лилјана Поповска  e-mail: liljana4@t-home.mk
тел: 02/5112-900 02/3224-150

Портпаролка: Маја Морачанин e-mail: maja.moracanin@dom.org.mk
тел: +389 75 61 81 93

Социјални медиуми

Анкета