„За секоја земја и нација од огромно значење е зачувувањето на документацијата, особено на онаа што се однесува на нејзината историја, култура, традиција и се она што е белег и го карактеризира националниот идентитет“, истакна во интервју за „Локално“, директорот на Државниот архив на С.Македонија, Емил Крстески.

Крстески посочува дека  во депоата на Државниот архив се наоѓаат многу значајни документи што се однесуваат на нашето минато. Имаме, како што вели, документи, писма и други материјали од познати наши илинденци, просветители и писатели, општествени дејци, како и оригинални документи од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности. Тие сведочат за нашата историја, за нашето минато и се несоборливи факти за многу настани и личности.

emil krsteski lokalno

 

Државниот архив, вели Крстески, претставува почетна точка од која се тргнува во истражувањето на генезата и историскиот развој на македонската нација, македонскиот јазик, историја, традиција и култура, како најбитни елементи за идентитетот на еден народ, како и за негова афирмација на меѓународен план. Организирањето и спроведувањето на истражувањата на архивскиот материјал во земјава и во странство придонесува за изнаоѓање нови форми за успешна соработка со архивите во светот.

Државниот архив оваа година одбележува 70 години од своето постоење. Какви активности се подготвуваат по тој повод?

 Да, оваа година нам ни е во знакот на 70 годишнината од создавањето на Државниот архив. Речиси сите активности се во насока на одбележување на овој јубилеј. Денот на Државниот архив и на архивистите е 1 април, но ние повеќето активности во текот на целата година ќе ги поврзуваме со овој јубилеј, а свечената Академија ја предвидуваме токму за тој датум. Државниот архив е значајна институција и заслужува достојно да се одбележи јубилејот, но, секако, тоа би било во рамките на законските и здравствени владини прописи поврзани со пандемијата. Очекуваме на свечената академија да присуствуваат високи државни функционери, пратеници, министри, претставници на дипломатскиот кор, како и истакнати личности од областа на историјата и клутурата и наши соработници. По повод овој јубилеј ќе биде објавена и Монографија, во која ќе биде презентиран историскиот развој на Државниот архив со пригодни фотографии, а ќе бидат објавени и значајни документи со кои располага Државниот архив. Очекувам да се објави и јубилеен број на нашето списание „Македонски архивист“ со пригодни статии, а ќе ги промовираме и новите книги од областа на историјата и архивистиката со кои ќе се претставиме и на Скопскиот саем на книгата. Во преговори сме со Пошта на Северна Македонија, по повод 70 годишнината на Државниот архив, да се издаде и поштенска марка, што ќе биде уште еден траен белег за овој јубилеј.

 Какво е значењето на Државниот архив за нашата историја и нашиот национален идентитет?

 За секоја земја и нација од огромно значење е зачувувањето на документацијата, особено на онаа што се однесува на нејзината историја, култура, традиција и се она што е белег и го карактеризира националниот идентитет. Нашиот Државен архив, можам да кажам, дека со својата богата архивска граѓа и со  класифицираните историски документи, не само што е главен сведок и чувар на нашето минато, туку е еден од главните столбови на нашата државност, историја и на нашиот национален идентитет. Државниот архив во сите овие години се гради како значајна државна институција за нашата колективна меморија, а во поново време го добива и својот европски имиџ со прифаќањето на европските закони и прописи што се однесуваат на архивистиката и кои се вметнати во новиот Закон за архивска дејност, кој што наскоро треба да се најде во собраниска процедура, како и со спроведувањето на процесот на дигитализацијата на историските документи и материјали. Накусо, може да се каже дека Државниот архив има значајна улога и функција во нашето општество, како за минатото, така и за нашата иднина. Тој е чувар на нашето минато и светилник за нашата иднина.

Вработените во Архивот, а особено оние што директно се поврзани со архивистиката, работат посветено, со  љубов и страст при прибирањето, складирањето и зашитувањето на историските документи и материјали и тоа само така може да функционира, зашто, архивистиката бара целосна професионална посветеност.  Државниот архив има богат трезор и во нашите депоа се сместени 7.769 фондови, 68.369 архивски книги, 1.864 класери и 382 збирки или вкупно 113.087 кутии архивски материјал. Во својот состав Државниот архив има лаборатории за конзервација и реставрација и за микрофилмување. Во Архивот има 11.208.450 микрофилмувани снимки. Според последните податоци, Архивот е дом на  речиси 13 и пол километри филмски архивски материјал. Материјал кој бездруго сведочи за богатата македонска историја, традиција и култура.

Ја споменавте дигитализацијата како значаен процес. Што поточно значи тоа?

 Сметам дека особено важно е Државниот архив што повеќе да се модернизира и да биде отворен за историчарите, научниците, студентите и сите лица што се интересираат за историјата. Со процесот на дигитализацијата, кој е во почетна фаза и кој сметам дека наскоро ќе почне поинтензивно да се спроведува, практично се заштитува архивскиот материјал и историските документи, што е мошне значаен процес што го спроведуваат речиси сите Архиви во светот, а наедно тие документи и материјали стануваат полесно достапни до оние што се интересираат за нив.  Поточно, покрај значајниот процес на дигитализацијата, ние сакаме да ја приближиме историјата до граѓаните и тие да имаат слободен и непречен пристап до информациите што се од јавен карактер. Државниот архив организираше и „отворени архивски денови“ на кои беа поканети средношколци од неколку скопски гимназии. Идејата е младите што повеќе да се интересираат за историјата и за архивистиката, да се запишуваат на факултетот по историја и архивистика и тие да бидат идните генерации врз кои ќе се потпре функционирањето на нашиот Архив.

 Државниот архив публикува и книги кои од скоро може да се најдат и во неколку книжарници во Скопје.

 Да, тоа е така. Една од дејностите на Архивот е и публикување архивски материјали, историски книги, зборници на документи, брошури, каталози, изложби и специјални едиции на документи верни на оригиналот, со што ја презентираме нашата историја до пошироката јавност. Државниот архив двапати годишно го објавува и списанието „Македонски архивист“, што претставува своевидна збирка на научно-истражувачки написи, а кое е и меѓународно признато архивистичко списание.  Секоја година публикуваме и околу десеттина наслови на книги од областа на историјата и архивистиката од домашни автори, со кои се претставуваме и на Саемот на книги во Скопје, а наскоро планираме да објавуваме и книги од странски автори за актуелна тематика од областа на историјата и архивистиката.

 Дали Државниот архив поседува документи, важни за преговорите со Бугарија, поконкретно, такви кои ќе ги решат дилемите кои очигледно се јавуваат на страната на соседот?

 Во нашите депоа се наоѓаат многу значајни документи што се однесуваат на нашето минато. Имаме документи, писма и други материјали од познати наши илинденци, просветители и писатели, општествени дејци, како и оригинални документи од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности. Тие сведочат за нашата историја, за нашето минато и се несоборливи факти за многу настани и личности. Неоспорно е дека народите на Балканот имаат и заеднички историски моменти и личности од минатото поврзани со словенската култура и просветна дејност, како и од револуционерните периоди во времето на Отоманската империја и по неа. Преговорите со Бугарија околу некои спорни историски прашања и теми ги водат стручни комисии од двете земји и тие се посветени на изнаоѓањето заеднички прифатливи термини и формулации околу нив. Државниот архив секогаш е отворен и на нашите преговарачи им стои на располагање за користење на историските материјали и документи што се однесуваат на одредени спорни прашања со нашиот источен сосед.

Со каков интензитет се одвива меѓународната соработка на Државниот архив?

 Со оглед на тоа дека архивскиот материјал е заштитено историско и културно наследство и е наше трајно националното богатство, Државниот архив претставува почетна точка од која се тргнува во истражувањето на генезата и историскиот развој на македонската нација, македонскиот јазик, историја, традиција и култура, како најбитни елементи за идентитетот на еден народ, како и за негова афирмација на меѓународен план. Организирањето и спроведувањето на истражувањата на архивскиот материјал во земјава и во странство придонесува за изнаоѓање нови форми за успешна соработка со архивите во светот. Нашата институција е рамноправен член на Меѓународниот архивски совет – МАС (International council on Archives), ICARIUS  – меѓународен центар за архивско истражување како и на повеќе други меѓународни институции и организации од областа на архивистиката, што придонесува за размена на мислења и искуства и за постојани контакти со архивите каде што има и може да се најдат документи што се однесуваат на историјата на Македонија и на идентитетот на македонскиот народ и на другите етнички заедници. Исто така, може да подвлечам дека повеќе години соработуваме и со државните архиви на земјите членки на Европската унија, кои секоја година, ни укажуваат голема чест со тоа што не покануваат на нивните заеднички полугодишни и годишни конференции, што ни дава можност да ја афирмираме работата на нашиот Државен архив и да развиваме успешна соработка со архивите на земјите-членки на ЕУ. Државниот архив има успешна соработка и со повеќе архиви во нашето непосредно соседство и често се испраќаат истражувачи на покус или подолг студиски престој, а големо внимание му посветуваме и на процесот на сукцесија на архивските материјали од архивите на поранешна Југославија, процес во кој од нашата Влада сум назначен и за нејзин официјален претставник.

 

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета